Connect with us

Свет

Холандија се откажува од контролата врз кинескиот производител на чипови „Некспериа“

Холандија се откажува од контролата врз кинескиот производител на полупроводници „Некспериа“ (Nexperia), објави министерот за економија, Винсент Кареманс, пренесува ДПА.

– Со оглед на последните случувања, сметам дека ова е соодветен момент да преземеме конструктивен чекор, изјави Кареманс во Хаг.

Во септември, Владата ја презеде контролата врз „Некспериа“, која е со седиште во Најмеген, но поголемиот дел од нејзиното производство е во Кина, повикувајќи се на „сериозни недостатоци во управувањето“. Мерката предизвика силна реакција од Пекинг, кој потоа воведе ограничувања на извозот на чипови произведени од компанијата.

По одржаните разговори, Кина ги омекна ограничувањата, но инсистираше Холандија да го намали степенот на контрола врз „Некспериа“ пред целосно да се обноват испораките.

Кареманс ги опиша чекорите преземени од Пекинг како „знак на добра волја“ и нагласи дека Владата „ќе продолжи да води конструктивен дијалог со кинеските власти во следниот период“.

Компанијата е главен добавувач на основни компјутерски чипови за автомобилската индустрија, а недостигот на чипови како резултат на спорот меѓу двете страни ги загрози синџирите на снабдување во автомобилската индустрија и предизвика доцнење и прекин на производството.

Уште пред една недела, „Блумберг“ објави дека холандската Влада е подготвена да ја укине наредбата која ѝ дава право да блокира или менува клучни корпоративни одлуки во производителот на чипови, доколку Кина го обнови извозот на критичните полупроводници. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1