Вести
Кон крајот на месецов јавна расправа за неколку закони на МОН, меѓу кои и за високо образование, најави Јаневска
Кон крајот на месецов ќе почне јавна расправа за неколку закони кои се изработени од телото што МОН го формираше за реформи во високото образоание.
Како што соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, нацрт-верзиите се готови, но поради изборите и, како што рече, за да не се сфати тоа како притисок, не биле ставени на ЕНЕР или на јавна дискусија.
-Телото за реформи во високото образование интензивно работеше целата мината година, не како целина, туку поделено во групи. Тоа тело сериозно ја сработи својата работа за што јас сум им благодарна и веројатно кога ќе излеземе со сите овие продукти, веќе готови, ќе имаме уште седница да се заблагодариме едни на други. Првенствено она што го направија беше да работат на Законот во високо образование. Потоа, заедно со членови од Националниот совет, работеа на Законот за наука и истражување и конечно го сработивме и Законот за квалитет во високото образование. Веројатно до крајот на месецот, последните денови од овој месец, веќе ќе ја почнеме јавната расправа, изјави Јаневска пред почетокот на конференцијата „Градење иднина – практични вештини за новата генерација“.
Посочи и дека членови од истата група во меѓувреме работеле и на Законот за ИНОВА (Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво) и работат на Законот за образовната програма Еразмус плус.
-Инаку, луѓето работат про боно и работат исклучително квалитетно и макотрпно, денови и денови поминуваат на факултетите и во Министерството до доцна навечер за да направиме квалитетни закони, додаде Јаневска.
Во рамки на активностите за реформи во високото образование се и контролите на високообразовни институции кои имаат акредитација за работа. Поради незаконско работење и непостапување по забелешки од просветните инспектори, досега се затворени 14 приватни научни институти и еден приватен факултет.
ноември 18, 2025

