Connect with us

Општини

Во Битола одбележана годишнина од формирањето на Првата eгејска македонска ударна бригада

Општина Битола и Сојузот на здруженија на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија-МАКЕДОН денеска на местото викано „Кај Пожарната“ одбележаа 81 години од формирањето на Првата егејска македонска ударна бригада.

На 18 ноември 1944 година во Битола, кај Пожарната, од трите партизански одреди од Воденско, Леринско и Костурско беше формирана Првата егејска македонска ударна бригада, а за прв командант бил избран Илија Димовски.

-Бригадата дејствувала во југозападниот дел на Македонија со клучна цел борба со балистите, а потоа се приклучила на партизанските одреди. Овој настан е еден од позначајните во поновата историја на Република Македонија и затоа токму од ова место упатуваме пораки за семакедонско обединување и помирување на сите Македонци во светот. Македонија е нашиот заеднички именител, Македонија е нашиот заеднички содржател, посочи Александар Јаневски, претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија-МАКЕДОН.

Во изјава за медиумите, Јаневски јавно побара унапредување на правата на Македонците што живеат во Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија и Мала Преспа.

-Ние сме за заеднички мир и добрососедство со сите народи, но со почитување на основниот принцип на меѓународното право, а тоа е соработка за сите прашања, немешање во внатрешните интереси и реципроцитет во меѓусебните односи. Во оваа прилика се заблагодаруваме на премиерот Христијан Мицкоски за неговиот придонес и поддршка на оваа тема, а исто така како Сојуз сме против и апелираме до македонските власти да се раскинат меѓувладините комисии за ревизија на македонската историја бидејќи Македонија си има историја која што трае со векови и не е потребна нова, нагласи Јаневски.

Пред споменикот кај Пожарната во Битола цвеќе положи градоначалникот Тони Коњановски, претседателот на Советот на Општина Битола Бојан Бојкоски и делегација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија-МАКЕДОН. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3