Општини
Се разгледуваат понудите за изградбата на СКАДА системот во Штип
Во тек е разгледување на понудите од фирмите за изградба на современ СКАДА систем на водоводната мрежа во Штип, информираше директорот на ЈП „Исар“ – Штип, Александар Арсовски. Тој истакна дека Штип наредната година со СКАДА системот ќе го реши проблемот, а овој систем ќе овозможи следење и управување со целокупната водоводна мрежа во градот. Според Арсовски, овој СКАДА систем ќе овозможи континуирано следење на притисокот, протокот и дистрибуцијата на водата во реално време.
– Со огромно задоволство можам да најавам дека проектот кој го најавив со моето назначување за в.д. директор на ЈП „Исар“, а тоа е имплементирање на системот за мониторинг, контрола и управување на водоводниот систем на територија на Општина Штип или попознат како СКАДА систем е во фаза на еваулација на пристигнатите понуди од операторите. По завршувањето на оваа активност ќе пристапиме кон изведба на самиот систем, изјави Арсовски.
Имплементација на Скада системот во Штип е капитален проект со кој драстично ќе се намали загубата на вода за пиење. Но, се работи и на Програмата за наредната 2026 година, во која треба да се најдат и други капитални проекти. Како што истакна директорот Арсовски и наредната година ќе бидат променети голем број водоводни и канализациони мрежи на територија на Штип.
-Освен СКАДА системот сега ја работиме програмата која треба да биде донесена некаде во декември. Несомнено граѓаните може да очекуваат дека и во 2026 година ќе бидат променети поголем број на водоводни и канализациони мрежи на целата територија на Штип, рече Арсовски.
Тој истакна дека со СКАДА системот уште во правта година очекуваат загубите на водата за пиење низ водоводната мрежа да се намалат за 20%, а во моментов изнесуваат 62%. Анализите на ЈП „Исар“ покажуваат дека штетата од загубите на водата за пиење кои изнесуваат 62% изнесува околу 2,5 милиони евра на годишно ниво. Инаку СКАДА системот чини околу 500.000 евра, а средствата се обезбедени од вториот повик на Владата од унгарскиот заем.
ноември 16, 2025

