Општини
Во Штип отворен инклузивен парк за лицата со посебни потреби
Во Штип денеска се отвори инклузивниот парк за лицата со посебни потреби. Поставени се реквизити кои во наредниот период ќе може да се користат од страна на лицата со посебни потреби.
Се работи за донација на Ротари клубот од Штип, чиј претседател Влатко Филипов вели дека преку на овој начин сакаат да помогнат во развојот на овие лица и нивната инклузивност во општеството.
-Поставивме реквизити кои се специјализирани за лица со посебни потреби. Лицата може да изведуваат активности кои оддамна се заборавени кај нив, кои се важни за нивниот развој и интеграцијата во заедницата за еднакви права во заедницата, изјави Филипов.
Задоволен од активностите на терен е и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов според кој, ова е позитивен пример за градот и општеството, како и показател дека лицата со посебни потреби не се заборавени.
-Во име на тоа сакам да се заблагодарам на сите кои помогнаа за реализација на ова инклузивно катче во нашиот град. Навистина ова е позитивен пример за сите зашто Штип е наш дом, рече Јорданов.
Благодарност упати и Здружението за лица со посебни потреби, кое смета дека вакви активности и поддршка треба да има и во иднина.
Проектот е помогнат и од Фондацијата за развој на локалната заедница и ЈП „Стипион“ – Штип.
ноември 16, 2025

