Општини
Советниците од независната листа ќе го поддржат Африм Кркути од ВРЕДИ за претседател на Советот на Општина Дебар
Дилемата, кој кого ќе поддржи при изборот на претседател на Советот на Општина Дебар, поради соодносот на силите, денеска ја разреши независниот кандидат за градоначалник Рамадан Имери, кој на локалните избори имаше и листа за советници.
Според него, за функцијата претседател на Советот тројцата независни советници ја „изразуваат својата целосна поддршка за Африм Кркути, кој беше носител на листата за советници од ВРЕДИ”.
-Нашиот став отсекогаш бил јасен и останува таков: секој чекор што е во интерес на Дебар и дебрани ќе ја има нашата безусловна поддршка. Веруваме дека нашиот град заслужува мудри одлуки, искрена соработка и посветена работа за иднината на градот, рече Имери за МИА.
Затоа, додаде, во секој процес и предизвици кои ќе дојдат, ние ќе бидеме присутни и ќе придонесеме со одговорност, транспарентност и силна волја.
-Дебар е над секој интерес, и остануваме посветени гласот на граѓаните да биде слушнат и почитуван при донесување на секоја одлука, посочи Имери.
Во 15-члениот совет, освен тројцата од независната листа, ВРЕДИ и ВМРО ДПМНЕ, кои имаа изборна соработка, 5 односно 2 советника, 4 има НАИ и еден советник СДСМ.
ноември 12, 2025

