Connect with us

Вести

Витрих: Образованието во затворите претставува клучен дел од процесот на ресоцијализација и човечко достоинство

Во организација на Европската асоцијација за образование во затворите (EPEA) и со партнерство на граѓанската организација од областа на образованието во затворите ЕКЕ Битола, денеска во Скопје започна Европската конференција за образование во затворите.

Како што истакна претседателот на Европската асоцијација за образование во затворите, Томас Витрих, образованието во затворите претставува клучен дел од процесот на ресоцијализација и човечко достоинство, нагласувајќи дека сите затвореници треба да имаат еднаков пристап до учење и личен развој.

– Европската асоцијација за образование во затворите е составена од едукатори, истражувачи и професионалци кои се залагаат за промовирање на образованието и сродните активности во затворите. Нашата цел е да создадеме платформа за европска соработка, професионален развој и размена на најдобри практики, рече Витрих.

Тој потсети дека ЕРЕА е членка на Конференцијата на меѓународни невладини организации на Советот на Европа и веќе четири децении делува како европски глас за образование во затворите. Главните цели на асоцијацијата, нагласи Витрих, се во согласност со препораките на Советот на Европа, кои опфаќаат 17 насоки за унапредување на образованието во пенитенцијарните установи.

– Сите затвореници треба да имаат пристап до образование – од основно и стручно, до културни, креативни и спортски активности. Образованието треба да се гледа како што би се гледало и за секој друг возрасен човек во општеството, истакна Витрих, посочувајќи дека посебно внимание треба да се посвети на лицата со потешкотии во читање и пишување.

Според него, сите што се вклучени во управувањето со затворите треба да го поддржуваат и олеснуваат процесот на образование, а креативните и културните активности треба да имаат значајна улога поради нивното позитивно влијание врз личниот развој и социјалната интеграција на затворениците.

– Каде што е можно, треба да се овозможи учество во образованието и надвор од затворот. Таму каде што наставата се одвива во рамките на затворските ѕидови, неопходно е во неа да биде вклучена и надворешната заедница, рече Витрих.

Најави дека до крајот на годинава ќе бидат усвоени нови препораки на Советот на Европа, кои ќе содржат повеќе од досегашните 17 членови и ќе се фокусираат подлабоко на специфичните образовни потреби на затворениците. – Новите препораки ќе создадат подобри услови за образование, со што реинтеграцијата на поранешните затвореници ќе има многу поголеми шанси за успех. ЕПЕА е активно вклучена во нивното формулирање, нагласи Витрих.

Според претседателот на ЕКЕ Битола, Веле Георгиев, конференцијата на едно место собра над 130 професионалци од целиот свет кои ќе разменуваат најдобри практики, учат и ќе го подобруваат образованието во рамките на казнено-поправните установи.

– Како домаќини на оваа конференција, се стремиме да ја ставиме во фокусот оваа важна, но честопати занемарена тема во нашето општество –  образованието во затворите. Како организација која е посветена да обезбеди образовни можности, ЕКЕ Битола има за цел да ја истакне важноста на континуираното подобрување на нашите образовни системи и да изгради силни врски помеѓу затворскиот персонал во земјава и нивните колеги низ Европа и светот, рече Георгиев.

Конференцијата ќе трае до 15 ноември и претставува најзначаен европски собир посветен на образованието во пенитенцијарните установи. Настанот опфаќа повеќе од дваесет тематски работилници, предавања на клучни говорници и тркалезни маси, со учество на наставници, истражувачи, затворски персонал, претставници на институции и поранешни осудени лица кои се вклучиле во образовни програми за време на нивниот престој во затвор.

Конференцијата ќе биде затворена со усвојување на заедничка декларација за поддршка на образованието во затворите како клучен елемент во процесот на ресоцијализација и човечко достоинство.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1