Општини
Министерството за спорт реализира 41 инфраструктурен проект во 22 општини
Министерството за спорт реализира 41 инфраструктурен проект во 22 општини. Изградени и реконструирани се над 30 мултифункционални спортски центри, изградена е атлетска патека во Гевгелија, целосно реконструирани се неколку спортски сали, а започна и постапката за изградба на три нови спортски сали – во Воената академија во Скопје, во општина Аеродром (кај ФФМ) и во Крушево, соопштуваат од Министерството.
-Министерството за спорт ја заокружува годината со значајни резултати во делот на спортската инфраструктура. Реализацијата на капиталните проекти и вложувања во изградба, обнова и реконструкција на спортските објекти се еден од главните приоритети на Министерството за спорт во изминатите 16 месеци со јасна цел – создавање на современи и безбедни услови за спорт и рекреација во секоја општина низ државата, стои во соопштението.
Оттаму дополнуваат дека во изминативе месеци била откочена постапката за повеќе капитални објекти – довршена била изградба и биле пуштени во употреба базенот во општина Кисела Вода и во Штип.
-Во завршна фаза е базенот кај салата „Наум Наумовски Борче“ во општина Карпош, а наскоро ќе бидат во функција и базените во Битола и во Кичево, дополнуваат оттаму.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, изрази задоволство од досегашната реализација и најави уште поинтензивна работа и нови проекти во следниот период.
-Горди сме на она што успеавме да го постигнеме во изминатиов период. Ветуваме уште повеќе работа и уште повеќе проекти, истакна Ристовски, пренесуваат од Министерството.
ноември 8, 2025

