Општини
Распишани највисоките награди и признанија во Општина Охрид за 2025 година
Општина Охрид и градоначалникот ги распишаа конкурсите за највисоките општински признанија и награди што секоја година се доделуваат по повод 8-ми Декември – патронот на градот „Св. Климент Охридски“.
Наградата што ја доделува градоначачникот се доделува за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања, во сите области од општествениот живот кои се од особено значење за Општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и светот.
Право на учество на Конкурсот за наградата имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Наградата Патрон на градот „Св. Климент Охридски” се доделува на еден добитник само еднаш и истата не може да се дели меѓу повеќе добитници.
Со пријавата треба да се достави кратка биографија и образложение за какви остварувања и придонес станува збор. Исто така, кон пријавата потребно е да се достави и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа за која се конкурира.
Конкурсот го распиша и општинската Комисија за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија за доделување на Повелбата по повод патрониот празник за тековната 2025 година.
Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во равојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година.
Право на учество на Конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Во пријавата треба да се достави кратка биографија и образложение за какви остварувања се конкурира и најмалку барем една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа во која се конкурира. Повелбата може да се додели максимум на пет добитници.
Конкурсите за двете награди траат 15 дена од денот на објавувањето.
ноември 7, 2025

