Скопје
Во Петровец почна изградбата на нов Културен дом, финансиран преку унгарскиот кредит
Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со градоначалникот на Општина Петровец Борче Митевски присуствуваше на поставување камен темелник на нов Културен дом во општина Петровец. Објектот, со површина од 385 метри квадратни, ќе се гради со средства во висина од 29,5 милиони денари, обезбедени преку Владата од унгарскиот кредит.
Градоначалникот Митевски истакна дека се очекува изградбата да заврши за една година, по што објектот ќе биде свечено пуштен во употреба.
– Културниот дом е со големина од 385 метри квадратни, а средствата во висина од 29.500.000 денари се обезбедени преку нашата Влада од унгарскиот кредит. Очекувам овој културниот дом за само една година да биде готов и да имаме свечено пуштање на истиот. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на нашиот претседател Христијан Мицкоски, за средствата што ги вложува не само во општина Петровец, туку и во сите општини во Република Македонија за вакви капитални проекти, рече Митевски.
Премиерот Мицкоски, во своето обраќање, нагласи дека по завршувањето на изборниот процес следува период на интензивна реализација на ветените проекти.
– Изборите завршија, време е да продолжиме со реализација на проектите, тоа што сме го ветиле и сме земале обврска пред граѓаните да го реализираме. Му честитам на градоначалникот, навистина посветено работи што впрочем го покажува изминативе години и не случајно е по петти пат избран за градоначалник на Општина Петровец, уште поубедливо отколку во минатите неколку пати. Навистина сум благодарен за сето тоа што го прави за жителите на Петровец, а ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да ги поддржуваме општините во испорачување на проекти кои што ќе значат додадена вредност во животите на граѓаните, изјави Мицкоски.
ноември 6, 2025

