Општини
Бојан Бојкоски избран за нов претседател на Советот на Општина Битола
Бојан Бојкоски, досегашен заменик градоначалник на Општина Битола од денеска е нов претседател на Советот на Општина Битола.
На денешната конститутивна седница на општинскиот Совет, пред новоизбраните членови, Бојкоски посочи дека времето на празни критики заврши и дека доаѓа време на интензивна работа.
– Времето на празни критики мора да заврши. Критиката е потребна, но уште поважно е да се работи. Најлесната професија е да се биде критичар но вистинската одговорност е да се биде градител, човек кој придонесува, предлага и создава. Очекувам и се надевам дека во овој совет одлуките ќе ги носиме со консензус, едногласно и во интерес на граѓаните, посочи Бојкоски.
Успешна и ефикасна работа на новоконституираниот Совет на Општина Битола посака градоначалникот Тони Коњановски и истакна дека иднината на градот треба да се гради заеднички.
-Во новиот Совет вкомпонирани се претставници на осум политички партии и граѓански здруженија и тоа дава една нова димензија, ново богатство во политичкиот колорит и овозможува зголемување на соработката. Доаѓа време за многу работа бидејќи сите сме заедно во оваа приказна – Битола. Нашата заедничка цел е поубав град, истакна Коњановски.
Конститутивната седница на Советот на Општина Битола ја следеа и гости на локалната самоуправа, претставници на Општина Стари Град во Белград, Република Србија.
ноември 6, 2025

