Општини
Коњановски: Битола е град кој расте, се менува и модернизира
Битола е град кој денес се менува, расте, се развива и се модернизира, истакна градоначалникот Тони Коњановски на вечерашната свечена академија организирана по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.
Пред гостите од градот, државата, но и делегации од збратимените градови од Украина, Бугарија, Србија и Турција, градоначалникот Коњановски потсети на минатото и повеќевековната битолска историја, и издвои акценти од неговата визија за градот во наредниот период.
-Нашиот фокус денес е ставен на одржлив развој и дигитална трансформација и затоа Битола станува град на нови можности. Битола е град со отворени врати за инвеститорите и иновативни проекти. Со гордост можам да кажам дека работиме на создавање услови за економски напредок преку поддршка на локалните компании, земјоделците и младите претприемачи. Ние отвораме можности за развој на туризмот како двигател на локалната економија затоа што нашата цел е јасна, Битола да биде град на младите, град во кој тие ќе сакаат да живеат и да останат тука, младите да го гледаат својот пат и успех што ќе го остварат во својот роден град, истакна Коњановски.
На вечерашната свечена академија, градоначалникот Тони Коњановски го додели највисокото општинско признание, наградата за животно дело која оваа година му припадна на ликовниот уметник Панде Петровски.
-Наградата ја примам како награда од Општина Битола, а преку општината и како награда од моите сограѓани со што таа добива уште поголемо значење. На младите им препорачувам да работаат со верба дека и нивните дела ќе бидат стимулирани, вреднувани и наградувани, а најголема награда е нивното вградување во тој мозаичен и историски пат кој е вечен затоа што води кон бескрајната иднина, посочи Петровски.
Општина Битола додели и награди за годишни постигнувања во областа на културата и образованието кои им припаднаа на Игор Трајковски-Фоја, поет и драмски автор, Мартин Мирчевски, актер и режисер во НУ Народен театар-Битола, Дарко Секуловски награден за културен придонес во промоцијата на градот и основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“-Битола посветено на лицата со посебни потреби.
ноември 5, 2025

