Економија
Вицегувернерката Нацевска: Преку олеснети финансиски трансакции до раст на економијата
 
																								
												
												
											Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) веќе е дел од нашата реалност. Тоа не е само симбол, туку и услуга. Преку пониските трошоци, брзината и едноставниот сет информации потребен за извршување на плаќањето, граѓаните и компаниите од нашата земја веќе ги чувствуваат придобивките кога испраќаат пари или кога плаќаат снабдувачи во странство или, пак, кога примаат дознаки од странство. Тоа го истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во обраќањето пред учесниците на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура што изминатите два дена се одржа во Охрид.
Нацевска истакна дека приоритет во наредниот период ќе биде развивањето и воведувањето инстант-плаќања, не само како можност туку како нова навика.
-Целта е практична – да можете да платите и да ви биде платено за неколку секунди, во секое време (24/7/365), преку безбеден систем и со сигурно порамнување преку централната банка, рече таа додавајќи дека меѓусебното поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан, како и со европскиот ТИПС ќе придонесе за побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.
Покрај СЕПА и инстант-плаќањата, во фокусот на собирот во Охрид беа и отпорноста и довербата во платните системи, како предуслов за стабилноста неопходна за непречено функционирање на економијата.
Нацевска истакна дека размената на искуства, тестирањето и координираното реагирање при инциденти се клучот за одржувањето на довербата на јавноста. Посебно внимание беше посветено на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, коишто веќе се рамноправен дел од системот…
-Тие носат брзина, практичност и конкуренција, но со тоа и одговорност за заштита на корисниците и податоците, нагласи таа.
Во однос на иновативните решенија и регулативата, вицегувернерката порача дека тие не треба да се гледаат како спротивности, туку дека регулаторите треба да создадат простор за нови идеи, но и да обезбедат сигурност на плаќањата и заштита на клиентите, бидејќи рамнотежата меѓу иновацијата и стабилноста е исклучително важна, рече Нацевска, нагласувајќи ја важноста на пропорционалноста во регулирањето, заради обезбедување еднакви правила и правични услови за сите учесници на пазарот.
Во завршното обраќање Нацевска потсети дека ако на претходната конференција се зборуваше за планови, оваа година веќе се истакнуваат конкретни резултати и реални решенија.

-Се движиме во вистинската насока – од дизајн кон услуга, од концепти кон видливи придобивки, заклучи вицегувернерката, изразувајќи им благодарност на сите учесници, партнери и организатори на Конференцијата за нивните идеи, соработка и посветеност во градењето подобар и посигурен платен екосистем.
Конференцијата во Охрид се одржа во организација на Народната банка на Македонија заедно со Централната банка на Холандија.
октомври 30, 2025
 
											 
											 
											 
								 
								

 
								 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										