Connect with us

Економија

Примената на циркуларната економија бара дејствија и ангажман од сите чинители во општеството, а придобивките се големи

Законски регулативи, подигање на јавната свест и градење на неопходната инфраструктура се клучни за развој на циркуларната економија во земјава. Придобивките се големи тргнувајќи од финансиските заштеди до социјалните бенефити. Но, за да се спроведе потребна е вклученост од сите фактори во општеството – власта, бизнис секторот, граѓаните и академската заедница. 

Со примената на циркуларната економија, се намалува увозот на гориво, се развива домашната економија и се создаваат нови зелени работни места. Клучна е одговорноста на производителот односно неговата свест дека не е важно само да го произведе производот, туку и да размислува што по искористувањето на тој производ. 

– Економските придобивки се однесуваат на економската независност на земјата. Се намалува увозот и наместо да се купува јаглен или петрол кокс од надвор, кога во значителна мера би се користел домашниот отпад преработен како гориво, тогаш парите за гориво би останале во домашната економија, а не би оделе надвор. Во однос на социјалните придобивки се развива локалната економија и се создаваат нови работни места односно сите комунални претпријатија би станале фабрики за преработки на отпадот со што количината за рециклирање ќе се зголеми, смета Гоце Цветковски, технички директор на „Титан“ кој денеска учествуваше на панел дискусијата посветена на циркуларната економија одржана во рамки на „Технома 2025“. 

Земјава има поддршка од Европската комисија во делот на усвојување на циркуларните начела, но она што е потребно е спроведување на овие правила во пракса. 

– Ја имаме поддржано Северна Македонија во насока на усвојување на циркуларните начела, меѓутоа овој план бара дејствија, бара спроведување. Треба властите да се ангажираат во спроведување на истите, да не останат како слово на хартија. ЕУ е тука да ве поддржи, но треба желбата да доаѓа одвнатре, порача Штефен Худолин од ЕУ Делегацијата. 

Тој рече дека загадувањето останува вистински предизвик во светски рамки и дека токму затоа Европската унија им дава помош на властите за изградба на сеопфатен пакет за управување со отпадот во согласност со европското законодавство. 

Циркуларната економија кај нас се применува во цементната, челичната и текстилната индустрија, но поради недостиг на законски регулативи, производот што го создаваат може да биде и неконкурентен затоа што во европските држави веќе се разговара за определување на процентот на искористување на рециклирани материјали во производот. Така, во Шпанија и Португалија веќе има обврска во градежната индустрија да се користат 10 проценти од рециклиран материјал. 

Рециклираниот материјал е поскап од обичниот материјал, но во интерес на сите нас и на заштитата на животната околина е да се прилагодиме на новите трендови, беше порачано од панел дискусијата.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2
Маркетинг