Connect with us

Економија

Таксата за јаглероден диоксид ќе влијае врз крајната цена на производот, но компаниите веќе размислуваат како да се справат со тоа, велат од МАМЕИ

Таканаречената такса за јаглероден диоксид што ја воведува Европската унија, а која ќе треба да ја плаќаат извозните компании од 1 јануари, ќе се одрази врз крајната цена на производот, велат од Македонската асоцијација на метална индустрија МАМЕИ. Оттаму посочуваат дека македонските компании кои се засегнати од оваа нова давачка, веќе се подготвуваат, но дека би им биле добредојдени поволни зелени кредити, барање што го пласираше Стопанската комора на Северна Македонија. 

– Во секој случај цената ќе биде оптеретена и компаниите се подготвуваат да се соочат со тоа. Цената ќе трпи, секако тоа е домино ефект, но сметам дека компаниите се подготвуваат долго време и секој веќе размислува како да се справи со тоа, вели Марта Наумовска – Грнарова од МАМЕИ. 

Во изјава за медиумите, Наумовска-Грнарова вели дека кредитните линии би биле добредојдени. 

Засега, не се знае колкава ќе биде давачката што ќе треба да ја плаќаат македонските извозни компании од челичната, алуминиумската, цементната индустрија…

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на последната средба со Стопанската комора на Северна Македонија изјави дека следната недела во земјава треба да пристигне Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Европската енергетска заедница со кого ќе разговара за деталите. 

– Ни беше укажано дека ќе се земе миксот на Македонија како држава. Тоа значи дека ние минатата година 40% имаме производство на електрична енергија од обновливи извори, и дека ќе биде тој микс. Нема да се гледа поединечно, туку за државата како една целина. Тоа беше кажано минатиот пат, меѓутоа нема ништо дефинитивно. Точни информации и податоци нема, ќе разговараме и со Министерството за европски прашања, бидејќи тие комуницираат со Брисел и следната недела се надевам ќе имаме повеќе детали, изјави Божиновска.