Connect with us

Вести

ДИК: Одобрени уште осум барања за акредитации за набљудување на изборите, прифатени три приговори од гласачи

Болните и изнемоштени лица ќе гласаат утре, ден пред гласањето за локалните избори во недела.

Државната изборна комисија денеска прифати уште три од вкупно четири пристигнати приговори од гласачи. Прифатени се два приговори од гласачи од Валандово и еден приговор од гласач од Карбинци.

Иако, рокот за приговори за гласање во домашни услови заврши на 14 октомври, како што информираше претседателот на ДИК Борис Кондарко, разгледани се овие четири приговори затоа што решенијата на гласачите им се дадени од страна на ОИК на 14 октомври.

Проблемот настана што ОИК одлучувала за нивно одбивање на 11 октомври и дури три дена подоцна ги изготвила и им ги врачила решенијата на гласачите. Затоа одлучивме приговорот да го сметаме за навремен за да не се наруши правото на граѓаните кое не е по нивна вина затоа што уредно го примиле решението и во законски рок поднеле приговор – појасни Кондарко.

Денеска од страна на ДИК се одобрени уште осум барања за акредитации за набљудување на изборите со што вкупниот број на набљудувачи во недела ќе изнесува 1.462 набљудувачи од кои 808 се домашни и 664 меѓународни набљудувачи и 12 странски новинари.