Општини
СДСМ го промовираше кандидатот за градоначалник на Општина Кочани, Игор Христов

Во големата сала на МКЦ во Кочани синоќа се одржа промоцијата на кандидатот за градоначалник на Општината од редовите на СДСМ, Игор Христов. На настанот беа претставени и кандидатите за членови на Советот на Општината.
Христов рече дека доколку ја добие довербата од граѓаните, неговите заложби ќе бидат Кочани да прерасне во чист, зелен, културен, безбеден, спортски и туристички град.
– Нашата визија за Кочани е јасна – Кочани да биде модерен, чист и развиен град, во кој младите ќе ја гледаат својата иднина, а возрасните ќе имаат достоинствени услови за живот. Верувам во град на еднакви можности, со нови инвестиции, подобра инфраструктура, социјална грижа и почит кон секој човек. Верувам дека Кочани има потенцијал да биде пример за развоји солидарност, порача Христов.
За тоа, нагласи тој, ни треба тимска работа, чесност и посветеност. Нашите 5 принципи за развој на Кочани се Кочани чист и зелен град, безбеден град, урбан и културен град, спортски и туристички град, смета кандидатот за градоначалник на Кочани од редовите на СДСМ, Игор Христов.
Ностиелката на Советничката листа, Александра Коцева посочи дека по големата и незапаметената трагедија од март годинава, потребно е да се работи сложно за Кочани да стане повторно урбан и модерн град.
– Верувам во силата на заедништвото! Bo нашата умешност да направиме промена! Овие избори се борба за нашиот дом! Со ваша поддршка, Кочани нека биде град на надежта, развојот и иднината! Бројот 5 е синоним за успех, за најдоброто, затоа да дадеме петка за градоначалник! Петка за Советот на Општина Кочани, рече од говорницата Коцева.
На промоцијата присуствуваше и потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.. Во своето излагање Костова упати остра критика кон властите, посебно во делот на справувањето со трагедијата во Кочани, но и во поглед на испорачувањето на правда за случајот. Костова нагласи дека изборот на локалната власт, градоначалникот и советниците се клучни за ефективно функционирање на локалната самоуправа.
октомври 3, 2025