Вести
КСЗД апелира до ДИК да се исполнат препораките по утврдена дискриминација, а политичарите да се воздржат од говор на омраза

Во пресрет на претстојните локални избори, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) апелира да се исполнат препораките од донесените мислења со кои се утврдува дискриминација врз различни групи граѓани во процесот на остварување на избирачкото право.
Комисијата во допис до медиумите потсетува дека на 9 ти август 2021 година „утврди директна дискриминација извршена од страна на ДИК и индиректна дискриминација која произлегува од одредбите на Изборниот законик, врз основа на возраст, во остварување на гласачкото право на лицата кои наполниле 18 години, меѓу два изборни круга на претседателските избори во 2019 година“.
-Овие лица заради одредбите од Изборниот законик не можеле да бидат запишани во Избирачкиот список помеѓу двата изборни круга, а со тоа биле спречени да го остварат уставно загарантираното право на глас. Дополнително, Kомисијата за спречување и заштита од дискриминација на 3 декември 2021 година, донесе општа препорака со која и препорача на Државната изборна комисија да ги преземе сите потребни дејствија во насока на обезбедување на пристапност и соодветно приспособување на гласачките места, со што ќе се овозможи еднаков пристап на лицата со попреченост до и во гласачките места ширум земјата. Овие мерки и дејствија треба да обезбедат гласачките процедури, објекти и материјали да се соодветни, пристапни и разбирливи за лицата со попреченост, со цел остварување на правото на учество во јавниот и политичкиот живот на лицата со попреченост на еднаква основа со другите. Потсетуваме дека со последните измени на Изборниот законик, за условите за пристапност за сите категории за лица со попреченост до објектите каде што се наоѓаат гласачките места, се грижат соодветните институции и органи во чија сопственост се објектите – информира Комисијата.
КСЗД апелира до Министерството за социјална политика, демографија и млади „навремено и ажурно да достави податоци до Државната изборна комисија за сите лица кои се сместени во јавни и приватни установи за заштита на стари лица, т.е. домови за стари лица, со цел да можат и овие лица да го остварат избирачкото право“.
-Воедно, потсетуваме дека со процесот на деинституционализација околу 300 лица живеат во нов облик на заштита, односно живеење со поддршка во станбени единици, а кои со решението за сместување се уште се водат како лица згрижени во установите за социјална заштита на лица со попреченост (на адресите на Специјален завод Демир Капија, Завод за заштита и рехабилитација на деца и младинци – Скопје, Завод за заштита и рехабилитација „Бања банско“- Струмица). Со цел непречено остварување на избирачкото право на овие лица, на еднаква основа со другите, потребно е ДИК да обезбеди алтернативни гласачки места во местата на моменталните престојувалишта на овие лица по принципот на гласањето на болните и немоќните лица – повика КСЗД.
Комисијата апелира и до политичките партии, градоначалничките кандидати, носителите и кандидатите на советничките листи „да се воздржат од вознемирувачки говор и говор на омраза во текот на локалната предизборна кампања“.
-Со тоа ќе придонесат локалните избори да се одржат во фер, демократска и достоинствена атмосфера, во интерес на сите граѓани. Дополнително, упатуваме апел и до јавните личности, локалните функционери, новинарите и претставниците на граѓанските организации да се воздржат од употреба на говор на омраза и вознемирувачки говор. Тие имаат посебна одговорност да дадат позитивен пример во заедницата и да придонесат кон култура на почитување, толеранција и еднаквост – стои во апелот на Комисијата.
Доколку некој се почувствува дискриминиран или е жртва на говор на омраза, може да поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација преку нивната веб-страница kszd.mk, по пошта на адреса ул. „Даме Груев“ бр. 1 или директно на contact@kszd.mk
октомври 2, 2025