Општини
Филипче од Македонски Брод: Резолуцијата со црвени линии е најсилната гаранција за државата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната граѓанска трибина во Македонски Брод, го повика премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, да не глумат лажни патриоти и да наоѓаат маани во предлог Резолуцијата на СДСМ за црвените линии во преговарачкиот процес со ЕУ, туку да покажат надпартиски однос за доброто на државата.
„Велеа сакаме гаранции. И ние јасно им кажавме – гаранции може да имаме дома. Многу јасно и едноставно, како што тоа го прават во секоја држава. Еве ви ги црвените линии – ова се нашите црвени линии, нема преговори за ниту едно идентитетско прашање. Јасно и гласно. Сè е чисто како солза во текстот. Ајде сите да се обединиме околу тоа, никој ништо не ни може“, рече Филипче
Тој додаде дека токму со заедничка резолуција, потпишана од сите 120 пратеници, може да се демонстрира политичка зрелост и национален консензус.
Но, наместо поддршка, како што кажа Филипче, од ВМРО-ДПМНЕ стигнува нов предлог дека ќе подготвеле таканаречена „помакедонска“ резолуција – уште еден доказ дека се избегнува одговорноста.
„Има ли поголем доказ од ова, дека не сакаат ништо да направат? Но јас, за разлика од Мицкоски, на ова прашање гледам како на историска одговорност на нашата генерација. Јас, за разлика од него, не правам политика од иднината на нашите деца“, рече Филипче.
Во обраќањето пред граѓаните, Филипче директно се обрати и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и јавно го повика да ги надмине личните и партиските интереси.
„Христијан, тргни ја суетата, барем еднаш во животот, за една тема. Погледни убаво што предлагаме и сам знаеш дека тоа е тоа што ни треба. Тргни ја суетата, издигни се над партиските интереси и дај да ја бутнеме оваа држава напред. Еве, ако сакаш смени нешто внатре, нека биде твоја резолуција, да не мислиш дека Филипче сака да ти ја земе македонштината. Еве, нека биде ваша, само дај да ја завршиме таа работа. Ќе останеме последна држава на Балканот без интеграција, нема да остане еден човек во оваа држава“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче и додаде дека ова е должност кон граѓаните, а предлог Резолуцијата на СДСМ е најпатриотскиот документ затоа што ќе биде прво национално обединување.
октомври 2, 2025