Економија
ИНРМ со превентивна претставка против лошите практики во РКЕ

Во период кога Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе особено чувствителни одлуки за висината на цената на електричната енергија за домаќинствата, како и низа подзаконски акти согласно новиот Закон за енергетика, на површина излегуваат сериозни забелешки за начинот на нејзиното работење. Законот предвидува сите подзаконски акти да бидат усогласени најдоцна до февруари 2026 година, а членот 67 став 3 не дозволува нивна ревизија од ниту еден државен орган. Поради тоа е неопходна максимална транспарентност уште во самата постапка на носење на овие нови Правила, Тарифници и други подзаконски акти.
Во актуелните подзаконски акти има одредби кои регулираат прашања надвор од рамките на Законот, како што е случајот со пресметките на потрошувачка врз основа на „паушални сметки“. Дополнително, забележливо е непочитувањето на роковите за свикување подготвителните седници, непубликувањето на записниците од истите, како и прекумерното користење на исклучоци за скратени рокови при подготовката на материјалите кои треба да се разгледуваат на седниците. Сето тоа ја ограничува јавноста и ја оневозможува навремената реакција, иако Законот и подзаконските акти тоа го овозможуваат.
Недостигот од јавна достапност на службените електронски адреси на сите членови на РКЕ го отежнува дијалогот на правна, економска или техничка основа со стручните членови на Комисијата. Дополнително, непознато е како гласаат седумте членови при донесување одлуки, што создава впечаток дека одлуките се едногласни, иако тоа не е секогаш така. Како пример, може да се наведе воведувањето на давачката за пристап до електродистрибутивниот систем од 200 денари, каде постојат сомнежи дека не било постигнато целосно согласување меѓу членовите на Комисијата.
Поради овие причини, неформалната инженерска заедница – Инженери на Република Македонија (ИНРМ) – на 29 септември поднесе претставка до Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Во неа се бара доследно почитување на законските рокови, објавување на службените адреси на сите членови на Комисијата, измена на Статутот со задолжителна објава на бројот на гласови „за“ и „против“ и редовно објавување записници од подготвителните седници.
ИНРМ нагласува дека оваа претставка е превентивна реакција во интерес на јавноста, бидејќи во следните месеци РКЕ ќе носи одлуки кои директно ќе влијаат врз цената на електричната енергија и врз идното функционирање на енергетскиот сектор. Претставката е поднесена со поддршка од 36 членови на групата ИНРМ.
октомври 1, 2025