Connect with us

Општини

ЕЕА: Во Македонија постои институционална поддршка за подобрување на заштитата на животната средина

Во Северна Македонија постои силна институционална поддршка за забрзување на имплементацијата на новите законски рамки усогласени со ЕУ, за значително подобрување на заштитата на животната средина, се наведува во денеска објавениот Извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за состојбата со емисиите на штетни гасови и загадувањето во Европа во изминативе пет години, во делот посветен на земјава.  

– Владата постигна значителен напредок во усогласувањето на својата законска и регулаторна рамка со европското законодавство и е посветена на продолжување на напорите за зачленување во ЕУ, се вели во документот.  

Во извештајот се посочува дека за земјата се значајни искуствата на ЕУ, дека таа обезбедува национални стимулации за поддршка на растот на органското производство, продажбата и профитот и нејзините институционалните рамки и понатамошната поддршка се очекува да го заштитат и обезбедат растот. 

Според ЕЕА, производството на храна, кое е третата најважна економска активност во земјата, е тесно поврзано со еколошките и социјалните предизвици.  

– Земјоделството има е централно место во националната стратегија за модернизација на производството, задоволување на домашната побарувачка и подобрување на квалитетот на производите за извоз. Националните цели вклучуваат поттикнување на одржливата потрошувачка, промовирање здрава исхрана и подобрување на системите за преработка на храна, малопродажба и извоз. Усогласувањето со стандардите на ЕУ останува клучно за подобрување на квалитетот на храната и пристапот до европскиот пазар, со тековни реформи за справување со предизвиците при интеграцијата во ЕУ, се вели во извештајот. 

Дополнителен предизвик за македонскиот земјоделски сектор, според Агенцијата, претставува урбанизацијата и стареењето на населението, имајќи предвид дека 58 отсто од населението живее во градовите, а земјоделството ангажира само 14 проценти од работната сила.  

– На овие предизвици се надоврзуваат климатските промени, загадувањето, деградацијата на земјиштето и губењето на биолошкиот диверзитет, наметнувајќи потреба од одржливи практики. Координацијата на политиките и институционалната соработка се од витално значење за решавање на овие системски проблеми. Користењето на енергија од обновливи извори е клучно за поддршка на напорите за намалување на еколошкиот отпечаток на земјоделството. Но, и покрај предизвиците, секторот покажа отпорност за време на економски кризи, истакнувајќи ја важноста на континуираната соработка меѓу властите, невладините организации и локалните заедници за изградба на одржлива и просперитетна иднина за земјоделството во Северна Македонија, се оценува во извештајот. 

Според ЕЕА, анализите на експертските сценарија покажуваат дека шумарството придонесува за најголемо намалување на емисиите на стакленички гасови во секторите земјоделство и користење на земјиштето, промена на користењето на земјиштето и шумарство. Агенцијата посочува дека со спроведување на постојните мерки, овие емисии до 2040 година потенцијално би можеле да се намалат за 50,5 отсто, но за да се постигне тоа во периодот до тогаш се потребни околу 93 милиони евра инвестиции. 

– За жал, далеку сме од постигнување на целта за значително намалување на вкупното производство на отпад на национално ниво. Сепак, се развива нова стратегија и план за управување со отпадот. Затоа, постојното законодавство за отпад е императив кога станува збор за подобрување на управувањето со отпадот, се вели во документот. 

„Пакомак“ почнува акција за собирање стаклен амбалажен отпад директно од домот на граѓаните. Како што соопшти денеска компанијата, граѓаните треба да ги остават своите контакт податоци и приб

Извештајот наведува дека врз основа на анализа на податоците во периодот 2018-2020 година, се проценува дека поради изложеност на лош квалитет на воздухот во земјава годишно се губат околу 3.800 животи, што претставува 17,7 отсто од вкупната смртност на населението.  

– Светската банка процени дека економските загуби и трошоците од овие ефекти изнесуваат помеѓу 5,2 и 8,5 отсто од бруто националниот производ во 2016 година, се потенцира во извештајот. 

Според ЕЕА, потребно е и целосно спроведување на Рамковната директива за водите, заедно со континуирано обезбедување на висок квалитет на водата за пиење, при што напорите мора да бидат насочени кон справување со предизвиците поврзани со третманот на отпадни води. 

Агенцијата оценува дека во македонската јавност се зголемуваат ставовите во корист на одржливоста, при што особено поголема свест за зелените практики се нотираат во урбаните средини и кај припадниците на помладите генерации. За разлика од ова, руралните заедници често се спротивставуваат на промените, поради економски ограничувања и традиционални начини на живот.  

Во извештајот се додава дека загриженост предизвикува и енергетската сиромаштија, која влијае на 23,85 отсто од домаќинствата што е значително над просекот во ЕУ од 7,5 проценти, а доколку не се применуваат целни политики, зелената транзиција може да резултира со продлабочување на оваа разлика. 

– Земјата ги усогласува своите економски политики со стандардите на ЕУ, воведувајќи стимулации за проекти за енергија од обновливи извори и подобрувања на енергетската ефикасност. Пресвртница беше издавањето на првата Зелена обврзница во октомври 2023 година, вредна 10 милиони евра, за зелени иницијативи, се наведува во извештајот. 

Во документот се посочува и дека бруто додадената вредност во секторот за еколошки стоки и услуги пораснала од 0,68 отсто од нивото на БДП во 2020 година, на 1,63 проценти  во 2021 година.  

– Сепак, вработеноста во секторот (1,38 отсто) останува далеку под просекот на ЕУ (2,45 проценти), што е сигнал за неразвиен пазар. Уделот на енергија од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија беше само 17,8 отсто во 2022 година, што ја истакнува континуираната зависност од фосилни горива и потребата од посилни инвестиции во обновливи извори на енергија, проценува ЕЕА. 

Документот нотира и дека македонската финална потрошувачка на енергија бележи раст од 1,1 отсто годишно, наместо да се намалува, па затоа се потребни значителни напори за промена на овој тренд. 

Неопходно е да се измени Законот за енергетика и наместо задолжувањето за набавка на мазут како алтернатива на гасот, да се бара воведување обновливи извори или други еколошки енергенти.

Според извештајот, поголемите компании, особено оние со меѓународни врски, усвојуваат еколошки и социјални програми, но повеќето мали и средни претпријатија немаат ресурси за иницијативи за одржливост, честопати гледајќи на нив како финансиски товар.  

– Трошоците за заштита на животната средина достигнаа највисокото ниво од 1,7 отсто од БДП во 2018 година, но голем дел од средствата се фокусираа на управување со отпадот, а не на пошироки зелени напори. Овие предизвици ја нагласуваат потребата од поголема поддршка за да им се помогне на бизнисите да придонесат кон транзицијата, се додава во документот. 

Затоа, според ЕЕА, земјата мора да работи на обезбедување на фер зелена транзиција, преку справување со социјалната нееднаквост и поддршка на ранливите групи.  

– Социјално инклузивната зелена транзиција е од витално значење за да се обезбеди дека нејзините придобивки се распределуваат подеднакво низ сите заедници, смета Агенцијата. 

Во делот на транспортот се нагласени заложбите за подобрување на јавниот градски превоз во Скопје, вклучително и преку набавка на 313 нови автобуси кои се усогласени со европските стандарди за емисии на штетни гасови. 

– Општините активно воведуваат субвенции за стимулирање на движењето со велосипеди, како еколошки начин на превоз на граѓаните и обезбедуваат средства за подобрувања на пешачката и велосипедската инфраструктура со тековни проекти за тротоари, велосипедски патеки и сродни објекти. Неодамна, Министерството за транспорт и врски финансираше 78 километри пешачки и два километри велосипедски патеки во различни општини, во вкупна вредност од 1,4 милиони евра, се додава во документот. 

Според ЕЕА, се очекува во следните три години велосипедската мрежа во Скопје да се зголеми за 30 до 50 проценти, а бројот на оние кои се движат со велосипед да порасне за пет отсто. 

Агенцијата наведува дека бројот на електрични патнички возила во земјата останува мал, со само 451 регистрирано возило во 2022 година.  

– За да се поттикне увозот на возила со чиста технологија, Владата го забрани увозот на возила што не ги исполнуваат стандардите Eуро 4 и воведе нов метод за пресметка на данокот за увоз на возила што ги фаворизира возилата со пониски емисии на јаглерод диоксид, се додава во извештајот на ЕЕА.