Општини
Почна теренската работа за „Гаранција за млади 2025“ – можност за младите да добијат работа, обука или практикантство

Национален младински совет на Македонија (НМСМ) и Коалиција СЕГА започнаа со теренската работа за програмата „Гаранција за млади 2025“, национална мерка што има за цел да им овозможи на младите луѓе на возраст од 15 до 29 години во рок од четири месеци по евидентирањето во Агенција за вработување на Република Северна Македонија да добијат конкретна понуда за вработување, продолжување на образованието, обука или практикантство.
Програмата „Гаранција за млади“ претставува системски механизам за поддршка на младите кои се во потрага по својата прва работа или сакаат да ги унапредат своите вештини и конкурентност на пазарот на трудот. Таа особено се однесува на младите кои не се вработени, ниту се во процес на образование или обука (NEET), но е отворена за сите невработени млади лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување.
Што опфаќа „Гаранција за млади“?
Програмата нуди широк спектар на можности и мерки насочени кон зголемување на вработливоста и професионалниот развој на младите:
· Услуги за поддршка: професионална ориентација и кариерно советување, индивидуални и групни обуки, поддршка при барање работа и посредување при вработување.
· Вработување: мерки за субвенционирано вработување, програми за самовработување, стимулации за вработување на млади лица со попреченост.
· Континуирано образование и обуки: обуки за конкретни работни позиции, развој на дигитални вештини, стекнување стручни квалификации, како и програмата „Втора шанса“ за продолжување на образованието.
· Практикантство: можности за домашни и меѓународни практикантски програми, вклучувајќи и европски иницијативи како „Erasmus+“.
Со овие мерки, младите добиваат конкретна поддршка за да направат прв чекор во кариерата, да се преквалификуваат или да стекнат нови знаења и компетенции кои се барани на пазарот на трудот.
Во склоп на теренската работа НМСМ и СЕГА активно работат на информирање, мотивирање и насочување на младите кон користење на можностите што ги нуди „Гаранција за млади“, преку теренска работа, кампањи и соработка со други организации и институции низ целата земја.
Сите заинтересирани млади можат да го пополнат формуларот за вклучување и да направат прв чекор кон својата идна кариера тука. По пополнувањето на формуларот, младите лица кои до сега не се регистрирани во Агенцијата за вработување, ќе бидат контактирани од нашите теренски работници со цел да добијат детални информации за оваа програма, да им се објасни процесот на регистрација и да се поддржат при вклучувањето во оваа програма за вработување.
септември 30, 2025