Connect with us

Општини

Премиерот Мицкоски изврши увид во градежните активности на улицата „8 Септември“ и доградбата на ООУ „Даме Груев“ во Градско

Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков денеска извршија увид во градежните активности на улицата „8 Септември“ и доградбата на ООУ „Даме Груев“ во Градско.

– За мене претставува навистина големо задоволство кога можеме да видиме во помалку бројните општини како имаме амбициозни градоначалници, администрација и луѓе коишто реализираат проекти. За нас како Влада е навистина задоволство кога можеме да видиме тоа што сме го зацртале, како се испорачува и како може, со ограничени ресурси во изминативе 15/16 месеци од како сме избрани успеваме да се консолидираме и да испорачуваме проекти. Јас сум убеден дека во годините коишто следат на таков начин ќе продолжиме да работиме, рече Мицкоски.

Упати честитки до градоначалникот и советниците што ја поддржуваат неговата работа, како и до администрацијата без чија поддршка голем дел од овие проекти нема да бидат реализирани.

Градоначалникот Нацков информира дека неколку проекти во општина Градско се реализирани од буџетот на државата со средства од првиот и вториот повик од Унгарскиот кредит и од Министерството за транспорт и врски преку Светска банка. 

Меѓу нив, посочи се улицата „8 Септември“, најголемата во општина Градско, во должина од 1,2 километри и доградба на простории во ООУ „Даме Груев“.

– Доградбата на ООУ „Даме Груев“, проект поддржан од премиерот, во висина од 25,5 милиони денари, ќе овозможи едносменско училиште. Прв пат во историјата на Општина Градско, сите деца ќе учат во една смена. Нешто што беше голема желба, кога бев и како наставник и како директор на училиштето, кое сме немале можност да го оствариме и да го реализираме, рече Нацков.