Connect with us

Вести

Мицкоски: СДС се бори заедно со ДУИ да дојдат на власт и да продолжат со криминалот кој им го бранат нивни обвинители и судии

На денешниот настан во Штип на кој се одржа промоција на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека Социјалдемократскиот сојуз се бори заедно со ДУИ, и тоа е јасно како бел ден, за да дојдат повторно на власт и да продолжат со криминалот, кој им го бранат нивните обвинители.

„Се борат заедно со Али Ахмети ДУИ и тоа е јасно како бел ден, и тоа ние го гледаме на секој чекор. Се борат за да се вратат на власт да продолжат по старо, се борат за да и помогнат на Бугарија да ја матира Македонија, се борат за да се допаднат на сите освен на својот народ. Се борат за да го заштитат криминалот преку нивните обвинители и судии кои не процесуираа ниту една кривична пријава нив. Тие се борат за нивните луксузи, тие се борат за нивните раскошни домови, нивните украдени пари и нивните заложени и уценети глави. Тоа е тоа за што тие се борат, за друго ништо“, рече Мицкоски.

Мицкоски порача дека луѓето во ДУИ кои сеуште слепо го слушаат Али Ахмети, најмалку ги интересираат Албанците и останатите етнички заедници, туку дека за нив се интересираат само кога треба да  ги злоупотребат и кога треба да гласаат за нив, а потоа со своето неработење и корупција придонесуваат истите да се иселат од државата.

Понатаму, Мицкоски ги повика граѓаните заедно да испратат јасна порака до оние кои што седум години ја пустошеа, понижуваа и засрамуваа државата и граѓаните, до оние кои живеат во национал-романтичните соништа од минатиот век и сеуште сонуваат дека можат да ја делат Македонија, како и до оние политичари коишто поради преголемата лична фрустрација и желба за власт заслепени од немоќта тоа да го реализираат, најчесто навредуваат, ги крадат сопствените членови а со тоа се гледа тие ќе се однесуваат и кон државата и кон ресурсите на државата.

„Затоа ве молам заедно на овие три групи на луѓе да им испратиме една порака: Македонија ќе успее! Македонија ќе победи! И ќе ве победи! И нема назад! Ќе ги поразиме сите ваши интриги, сите ваши тажни обиди да не инволвирате во вашите предавства, сите ваши афери и апатијата која ја создадовте. Затоа што во нас чука срце, затоа што ние сме луѓе кои сакаме, живееме за идеја и мечтаеме, затоа што ние живееме со проблемите на луѓето и се бориме и ќе се бориме да ги подобриме животите на сите и покрај вашите опструкции планови и деструкција! Ќе ве победиме! Ви ветувам дека и на овие избори ќе ве победиме! Македонија ќе победи!“, порача Мицкоски.