Култура
Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ го промовираше дигиталниот архив со над 10.000 страници и аудиовизуелни материјали
Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при УКИМ денеска во Кинотеката промовираше дигитална платформа, на која ќе биде достапен богатиот архив на институтот – фотографии, записи и аудиоматеријали од повеќе области. Учесници во проектот се проф. д-р Зоранчо Малинов, проф. д-р Јана Манева-Чупоска, проф. д-р Емилија Апостолова-Чаловска, доц. д-р Стојанче Костов и проф. д-р Александра Кузман.
Проектот е реализиран во соработка со компанијата „4виртус“, која технички ја изработила платформата, а е поддржан од Министерството за култура и туризам преку конкурсите за креативни индустрии.
Директорот на Институтот проф. д-р Зоранчо Малинов истакна дека идејата за дигитализација произлегла од потребата архивскиот материјал да стане подостапен за младите генерации и истражувачите.
– Идејата беше од нашите млади вработени колеги – „директоре, ај да направиме нешто за дигитализација на архивскиот материјал, бидејќи младите генерации тешко да се одважат да отидат во прашлив архив“. Младите повеќе сакаат на интернет да си сурфаат и да гледаат што има и ако може да симнат готови пасуси, да не речам цели материјали, оти како професор сум доаѓал до такви ситуации да дојде студент со семинарска, го симнал целиот текст од некој каталог и да ми каже професоре јас имам семинарски труд. Но тоа не значи дека ги омаловажуваме напорите на младите генерации да пребаруваат преку интернет на сајтовите. И тоа е дел од науката на 21-от век и ние моравме да се прилагодуваме – рече Малинов.
Тој информира дека архивот располага со повеќе од 4.000 магнетофонски ленти снимени уште од 50-тите години, како и со богат фонд на фотографии и други материјали кои постепено биле дигитализирани.
Претставникот на компанијата „4виртус“ Игор Христов нагласи дека голем предизвик било за помалку од еден месец да се обработат и постават илјадници страници архивски материјал, фотографии и видеозаписи.
– Имавме голем предизвик сето ова да се стави онлајн за помалку од еден месец, затоа што тие 10.000 страници требаше да се прочитаат, обработат и постават, а голем дел од видеата да се уредат. Без помош на новата технологија, вештачката интелигенција и колегите немаше да го завршиме проектот – рече Христов.
Тој посочи дека платформата е заштитена со најдобрите технички механизми кои биле можни во дадениот рок, но оти во дигиталниот свет не постои апсолутна заштита.
Проф. д-р Јана Манева-Чупоска оцени дека успехот на проектот е резултат на заедничка работа и институционална поддршка.
– Колективниот дух е многу важен во вакви институции и не мислам дека индивидуалниот аспект е пресуден. Заедничкиот труд стои зад сè што е постигнато – рече Манева-Чупоска.
Таа појасни дека работела на делот посветен на традиционалните занаети, каде се поставени содржини за текстилните занаети, обработката на волна и коноп, грнчарството, кујунџиството, дрводелството и други традиционални занимања.
Според неа, платформата е само почеток на процес кој во иднина ќе биде надградуван со нови архивски материјали.
– Ние ја поставивме основата која допрва треба да се надополнува. Не беше идејата да објавиме сè што поседува Институтот, туку да ја поттикнеме публиката да дојде и лично да истражува во архивата – истакна Манева-Чупоска.
Доц. д-р Стојанче Костов, кој беше дел од тимот што работеше на дигиталниот архив, рече дека проектот е резултат на долг и посветен процес.
– Ќе кажам една реченица која звучи вака, вели „Work hard in silence and let the success make the noise“ или во превод „Работи напорно во тишина и остави успехот да ја направи вревата“. Тоа некако се отсликува на работењето на самиот Институт и на сите колеги. Оваа година беше навистина плодна, а дигиталниот архив е еден од проектите на кои работевме – рече Костов.
Тој нагласи дека платформата е организирана според одделите во Институтот, со цел полесно пребарување на материјалите, а особено ги истакна содржините од областа на етномузикологијата и етнокореологијата.
– Секој аудио или видеофрагмент е внимателно селектиран и содржи метаподатоци како име, инвентарен број, наслов и податоци за истражувачот, односно сето она што му е потребно на еден истражувач – рече Костов.
Говорниците на промоцијата оценија дека дигиталниот архив ќе придонесе за поголема достапност и афирмација на богатото македонско фолклорно наследство, но и ќе претставува значајна алатка за научните истражувања во иднина.
ноември 25, 2026


