Вести
Настанот кај Смилковци е класифициран како убиство, истрагата е во рана фаза, информира Тошковски
Настанот кај Смилковци е класифициран како убиство, истрагата е во рана фаза – информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски посочувајќи дека засега не може да открива повеќе детали бидејќи постапката е во почетна фаза.
– Не можам да кажам детали. МВР настанот го класифицира како убиство, но сè уште сме во рана фаза – изјави Тошковски.
Безживотното тело на 38-годишниот Ш.Е. од скопското село Љубин беше пронајдено во саботата наутро (21 ноември) околу 6:15 часот од случаен минувач, на обиколницата „Мајка Тереза“ во непосредна близина на клучката кај Смилковци и Смилковското Езеро.
При увидот и обдукцијата е утврдено дека жртвата била погодена со еден куршум во пределот на ногата, при што била оштетена голема артерија, што довело до обилно и смртоносно крварење покрај неговиот автомобил „мерцедес“.
Истражителите интензивно ги проверуваат снимките од камерите на системот „Сејф сити“ (Безбеден град) поставени долж скопската обиколница за да се идентификуваат сомнителни возила, а се анализираат и телефонските комуникации на жртвата.
ноември 23, 2026

