Connect with us

Вести

Андоновски: Македонија напредна за 16 места на Индексот на ОН за е-влада за 2026, најдобар пласман од 2010 година

Македонија напредуваше за 16 места на светската ранг-листа на Обединетите нации за развој на е-влада и сега се наоѓа на 68. место, што е најдобар резултат од 2010 година. Ова го соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, презентирајќи ги резултатите од рангирањето за 2026 година.

На претходното мерење во 2024 година, Македонија беше на 84. место, а вредноста на индексот порасна од околу 70 на 78 поени. Со новиот резултат, земјата влезе во групата држави со многу високо ниво на развој на електронското управување, категорија во која се наоѓаат 11 земји во светот, од кои пет се европски.

Андоновски посочи дека напредокот е забележан кај сите главни компоненти на индексот, а најголем раст има кај човечкиот капитал. Оценката во оваа област се зголемила од 0,70 на 0,79, со подобрување на писменоста за користење електронски услуги, иако дигиталните вештини на населението остануваат предизвик. Раст бележи и електронското учество на граѓаните, кое се зголемило од 57 проценти во 2024 година на 65 проценти во 2026 година.

На националниот портал uslugi.gov.mk моментално се достапни 350 услуги, дел целосно електронски, а дел информативни. Во следниот период се очекува порталот да биде дополнет со десетина услуги од Министерството за внатрешни работи и околу 30 услуги од Фондот за здравство.

Министерот најави дека во текот на следната година граѓаните ќе добијат можност преку онлајн форма да предложат кои услуги сакаат да бидат дигитализирани. Планирани се и активности за подобрување на дигиталните вештини, вклучително и во основните училишта, како и теренска кампања за повозрасните граѓани во соработка со Министерството за социјална политика.

За следното рангирање на ОН во 2028 година, Андоновски очекува Македонија да напредува за дополнителни 20 до 30 места, преку подобрување на дигиталната инфраструктура, поврзаноста, вештините на граѓаните и достапноста на електронските услуги.

Ad
Ad