Забава
Авионот на Садам Хусеин оди на продажба
Ирачките власти ја најавија продажбата на два авиона „Боинг 747“, коишто од 1991 година се наоѓаат на аеродромот „Тозер-Нефта“ во Тунис. Патем, еден од овие авиони своевремено го користел поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин.
Авионите се нудат по вкупна цена од 1,8 милиони долари. Авионот „Боинг 747-СП“, со назив „Ал-Кадисија“, е произведен 1982 година и бил опремен како владин авион, којшто вклучува и конференциска сала и салон. Иако „Ираки ервејс“ официјално не потврдува дека Хусеин лично го користел овој авион, неговата луксузна опременост, како и архивските фотографии направени во Лондон во 1983 и во Москва во 1986 укажуваат на тоа дека тој навистина го користел леталото. Тие биле преместени од Ирак во Тунис во јануари 1991 година, со цел да бидат на безбедно пред почетокот на Втората заливска војна. Сепак, поради санкции, финансиски спорови и натрупани трошоци за паркирање, тие никогаш не се вратиле во Багдад, пренесува порталот „Аеротелеграф“ (Aerotelegraf)
Вториот авион што се нуди е „Боинг 747-200“ (комбиниран патничко-товарни модел), со капацитет за 330 патници. И двата авиона се продаваат во состојбата во којашто се наоѓаат („како што се“, без гаранција), а купувачот ги сноси сите трошоци за пренос, царински давачки и даноци. Заинтересираните понудувачи треба да уплатат депозит од 180.000 долари за секој авион.
Комисија при Амбасадата на Ирак во Тунис ќе ги разгледува понудите во периодот од 21 декември до 5 јануари, а се очекува продажбата да биде финализирана до 7 јануари 2027. Претходните обиди за продажба на авионите беа неуспешни, вклучително и тендерот од 2023 година, на којшто Ирак бараше 494.000 долари за секој авион.
Садам Хусеин владеел со Ирак од 1979 до 2003 година, кога бил соборен од власт за време на инвазијата предводена од САД. Тој беше погубен во Багдад на 30 декември 2006 година, откако Судот во Ирак му изрече смртна казна за убиството на 148 шиити во градот Дуџаил.
ноември 23, 2026


