Култура
Денови на К. П. Мисирков: Има македонска национална култура и историја, различна од онаа на Србите и Бугарите
- „Велам, за среќа, има македонска национална култура и историја, различна од онаа на Србите и Бугарите, бидејќи тој факт го вооружува македонскиот народ во борбата за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во друштвото на културните народи.“ – Крсте Петков Мисирков во весникот „Мир”, 19. IV 1924 година.
Oвaa недела, во просториите на Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, годинава кога навршија 100 години од смртта на Крсте Мисирков, се одржаа „III Мисиркови денови“, посветени на животот, ликот и делото на еден од нашите великани на ХХ век. Манифестацијата почна со положување цвеќе пред споменикот на Мисирков во паркот на МАНУ, а по официјалното отворање, продолжи со сесии од Меѓународната конференција „Славистиката и македонистиката – историски и современ дискурс“. Патем, Мисирков е роден пред 152 години, на 18 ноември 1874, а починал на 26 јули 1926 година.
ЈАЗИКОТ КАКО ОСНОВА И СТОЛБ НА СОВРЕМЕНАТА НАЦИЈА
Како и повеќемина други учесници, политикологот Ивица Боцевски образложи дека националниот јазик е неопходна алатка за обликувањето и утврдувањето на која било нација, посочувајќи ги најсвојствените европски и американски примери од новиот век. Но, смета и дека современите нации не би ја препознале така делотворно потребата од заедништво без други неизбежни политичко-стопански фактори: просветителството (преродбата) како борба против незнаењето, неписменоста, општественото, но и верското угнетување; потоа тука се и заедничките стопански интереси чијашто поврзаност и вмрежување во новиот поредок заземале сѐ поголемо подрачје, како и самото чувство на заедничка култура.
– Тоа е случај и во Франција, којашто е типичен пример за политичка нација со своја држава, која ѝ ја пресече главата на монархијата; но, и во Германија, каде што прво се појави свесноста за нацијата, па потоа следи обединувањето во национална држава – појасни Боцевски.
На научната Конференција, учествуваа над 40 научници од Македонија, Србија, Украина, Унгарија, Русија. Директорот на Институтот за национална историја (ИНИ), Митко Панов нагласи оти Мисирков и денес нѐ потсетува дека македонскиот јазик, историја и култура не се само наследство што треба да го чуваме, туку и обврска што треба постојано научно да ја истражуваме, развиваме и афирмираме.
– Современите околности пред нас поставуваат и нови задачи. Покрај стремежите за оспорување на македонистиката, на коишто треба да одговориме со научни аргументи, истражувачка доследност и засилена меѓународна академска соработка, пред нас стојат и предизвиците што ги носи брзиот технолошки развој – дигитализацијата, развојот на вештачката интелигенција и новите методолошки пристапи отвораат нови можности, што до неодамна беа незамисливи. Затоа, денес особено е важно македонската историја и македонскиот јазик да бидат присутни и во современите дигитални ресурси – подвлече Панов.
- „Да се откажит чоек от своiо народен iазик значит, да се откажит он и од народниiот дух… Затоа iазикот на iеден народ iет негоо дуовно богатство и наследство, во коiе се закл’учуваат, отпечатени во гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осек’аiн’а и сакаiн’а, со коiи имат живено и живит iеден народ… Милоста кон народниiо iазик iет наш долг и наше прао.“ – Мисирков за македонскиот јазик, во „За македонцките работи“, 1903 година.
Во овој контекст, директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска посочи дека во ова негово капитално дело, националниот деец не го гледа јазикот како обична алатка за комуникација.
– За Мисирков, тоа е темел на културата и националната самосвест… Народот може да има говор, песни, преданија и богата усна традиција, но создавањето сопствен литературен јазик овозможува развој на образование, книжевност, печат, наука и институции. Оттука, јазичното прашање на Мисирков е неразделно од прашањето за културно-политичката самостојност на Македонија – изјави директорката на ИМЈ „Крсте Мисирков“.
Мисирков не бил социолог по вокација и образование, но неговото дело несомнено зрачи со социолошка димензија, смета проф. д-р Ганка Цветанова. Неговите концепции за формирањето на народностите и историската условеност на тој процес, за обликувањето на македонскиот литературен јазик како основа на политичката легитимност, но и за улогата на автономијата како предуслов за севкупниот развој на Македонија и македонскиот народ, се чини, не само што сведочат за социолошкиот дискурс во делото на Мисирков туку во повеќе аспекти им претходат на подоцнежните модернистички теории за нацијата и национализмот.
- „Дајте ни слободно да се нарекуваме и да се чувствуваме како Македонци, просто Македонци, без додавката ‘Бугари’.“ – Мисирков во в. „Илинден”, 30. I 1925 година.
Според Цветанова, Мисирков отвора прашања што се од суштинско значење за социолошката мисла.
– Мисирков говори за врската меѓу поединецот и заедницата, што е она што еден народ го прави едно цело, кои се елементите што придонесуваат за создавањето на чувството на заедничка припадност, како што се културните, јазичните, социјалните врски, колективната меморија, културната традиција, но истовремено говори и за природата на народните идеали и нивната улога во создавањето на колективната свест, но и политичката волја. За него, создавањето посебен македонски литературен јазик претставува еден од најважните чинови за разрешување на целокупното македонско прашање. Во тој контекст, тој ќе запише – „создавањето македонски литературен јазик е рамносилно на одделувањето на Македонците во посебна народност“ – потсети Цветанова.
- „Ако прашаiн’ето за народноста на македонците имат првостепено значеiн’е за бугарите, србите и грците, и секоiа от тиiе народности го третираат по своему, то зашчо и ниiе тоа прашаiн’е да не земиме во своiи раци, и да го разгледаме сестрано, и од бугарцко, и од србцко, и грцко гледишче, и критикуаiки сите ниф, да не изработиме македонцко гледишче на нашата народност, а се удовлетворуаме спроти местото, каде сме се училе, или со србцкото, или со бугарцкото, или со грцкото гледишче? …Нам ни требит натрешно обiединуаiн’е мег’у себе: не ни требат во Македониiа ни срби, ни бугари, ни грци, оти не сме ни iедното, ни другото, ни трек’ото; не ни требат патриархисти, екзархисти, оти ниiе сме само праославни рисiани.“ – вели Мисирков во „За македонцките работи“.
КАКО МИСИРКОВ ЈА РАЗБИРАЛ НАЦИЈАТА?
Прашана во дискусијата, дали би го оценила Мисирков како конструктивист, а не примордијалист, Цветанова одговори дека не би го категоризирала со такви ознаки.
– Во „За македонцките работи“ и 1903-та, Мисирков говори за народност. Во 1920-тите, во весниците „Мир“, „Илинден“ итн. тој веќе говори за нација – појасни Цветанова.
Теоријата на примордијализмот тврди дека нациите се засновани на биолошка, генетска и древна културолошка сродност и оти постоеле и во антиката и отсекогаш, т.е. го доближува поимот „нација“ до поимањата за племе, народ, етнос и сл. Учењето конструктивизам аргументира дека, како и сѐ друго во општеството, и нацијата е општествен договор, т.е. конструкт на современите општествените прилики, или производ на моментните политичко-општествени потреби на една заедница коишто се менуваат. Во таа смисла, Мисирков го доближува поимот „народност“ до современото разбирање на современата политичка нација.
И во „За македонцките работи“ ја допушта на некој начин тезата дека денешната македонска, но и српската, и бугарската народност се новосоздадени. Но, слично теоретизира и во списанието „Вардар“ од 1905 година. Имено, тој тврди:
- „По големиiот дел на маќедонцката интелигенциiа ќе iет против ‘Вардар’ со нeговата програма, зашчо свите маќедонци, противници на маќедонцкиiот сепаратизам, сет убедени, оти со пари во Маќедониiа човек можит да создадит од нашите маќедонци не само бугарцка, србцка, грцка или маќедонцка, ами и циганцка народност и циганцки интереси, а без пари не се правит нишчо…“
Од друга страна, пак, Мисирков во повеќе наврати објаснува дека како и другите околни народи, и Македонците имаат многувековна историја и култура за утврдувањето на македонската нација, говорејќи за нејзините корени. Во весник „Илинден“, од 25. III 1923, на пр., тој вели:
- „Крале Марко е син и гордост на Македонија и еден од тројцата македонски велики завојувачи, што го разнесоа името на својата земја далеку од нејзините предели: 1. Александар Македонски ја разнесе славата на Македонија до средноазиските реки Аму-Дарја, Сир-Дарја, како и до Индија и Индискиот Океан; 2. Светите Кирил и Методиј го разнесоа македонското слово и писмо меѓу сите словенски народи; и 3. Крали Марко ги потчини под своја власт и под власта на македонската муза сите народни певци и народи на Балканскиот Полуостров, во тој бој и самите вас, потомците на неговите заколнати непријатели.“
– Една од клучните тези на модернистичката парадигма вели дека нациите не се ентитети што постоеле отсекогаш, ниту пак, се дадени еднаш засекогаш. Оттука, историското право не може да биде единствената основа, ниту пак, единствениот критериум за признавање на политичката легитимност на една нација. Токму онака како што во далечната ’903-та ќе запише Мисирков: „Немало македонска народност, ама ја има сега и ќе ја има за напред. Што немало понапред, може да се стори подоцна. Доста е да се има разни историски услови со свои одделни барања“ – цитира Цветанова.
Така, децении подоцна, според теоретичарката, токму овие согледувања на Мисирков ќе се најдат во центарот на модернистичката парадигма. Во „Мир“, на 31. III 1924, тој ќe рeчe:
- „Ние Македонците не му посакуваме несреќа на човештвото, но во истовреме би сакале и културното човештво да биде повнимателно кон нашите човечки барања: да ни се даде право на национално самоопределување, затоа што и ние сме луѓе, а не добиток којшто го продаваат и раздаваат, без да водат сметка за неговите чувства и желби.”
– Според (Бенедикт) Андерсон и (Ернест) Гелнер – автори на двете највлијателни модернистички теории, почетокот на стандардизацијата на колоквијалните говори претставува една од клучните пресвртници во историјата на создавањето на модерните нации и националните идентитети. Овие автори своите тези ги темелат на хердеријанскиот концепт на нацијата како јазична заедница. Мисирков уште во 1903 ја застапува идејата дека стандардизацијата на македонскиот јазик не е само филолошки проект, ги надминува рамките на филолошки проект и има многу поголемо и пошироко политичко значење – рече Цветанова.
Таа додаде дека во модернистичките теории особено се нагласува врската меѓу современата држава и создавањето на нацијата бидејќи државата преку своите општествени и политички институции – значи, културни, научни, образовни институции, обезбедува општествена и политичка рамка за развој на нацијата и воедно ја втемелува во меѓународниот поредок.
- „Јас како Македонец, своето образование го добив со туѓи средства (српски, бугарски), па затоа сум задолжен, кон својата татковина, за образованието, а тоа значи дека сум задолжен да се жртвувам за неа. Подготвен сум на тоа. Подготвен сум и да умрам за интересите на мојата татковина, но не затоа што не си го сакам животот, туку честа и татковината не ми се помалку драги од животот.“ – Крсте Мисирков во својот „Дневник“ од 1903 година.
– Оттука, во 1912 Мисирков ќе истакне оти „без автономија не може ни да се замислат прогресот и културата во Македонија“ – нагласи Цветанова.
Веројатно затоа, во „Македонски голос“ (Санкт Петербург, 13. VIII 1914), под псевдонимот „К. Пелски“ пишува:
- „Единството и автономијата на Македонија – ете го идеалот на Б(орис) Сарафов; Заграбувањето на цела Македонија од страна на Бугарија, или нејзина поделба меѓу Бугарија и Србија – ете го идеалот на бугарските националисти.“
Ивица Боцевски се согласува дека во идеологијата на Мисирков, автономијата е важна почетна стабилна основа за нациите на Балканот, но посочува и друг битен фактор. Говорејќи за отоманскиот милет-систем, потсети дека околните народи Грци, Срби и Бугари ги создале своите политички нации, но и држави, токму преку црквата.
– Во тој контекст го гледам Мисирков кој во такви услови ја изнесува својата програма за македонски национален сепаратизам. Целта е токму создавање на национални институции, низ коишто ќе се обликува современата македонска нација – појасни Боцевски.
Тоа ќе рече: Во анализата на македонското прашање Мисирков применува историски, компаративен и интердисциплинарен пристап, поврзувајќи ги јазичните, културните и политичките процеси со пошироките општествени и историски околности. А пак, оваа интелектуална способност на Мисирков да ги согледа општествените појави, не како изолирани појави, туку во нивната историска условеност и меѓусебна поврзаност, смета Цветанова, може да ја препознаеме во концептот на социолошка имагинација, концепт што нејзиниот автор, социологот Чарлс Милс, ќе го претстави во 1959. во истоимената книга.
- „И во Бугарија и во Србија треба да помнат едно, дека во Македонија има население со огнено патриотско чувство и со определена национална свест за којашто треба да се води точна сметка и да се исползува разумно за доброто како на самото месно население, така и за доброто на словенските држави во коишто живеат Македонците и уште во интерес на југословенската солидарност.“ – Мисирков во в. „Илинден”, 30. I 1925 година.
– Пристапот на Мисирков совршено се совпаѓа со овој концепт, според кој, како што истакнува Милс, секој активен општествен научник мора да биде истовремено свој сопствен методолог и сопствен теоретичар. Токму онака како што бил и Мисирков. Врз основа на изложените концептуални паралели може да се заклучи дека иако Мисирков не бил социолог според неговото формално образование, неговото дело несомнено зрачи со социолошка димензија. Неговите концепции за начинот на кој се формираат народностите и историската условеност на тој процес, но и за улогата на автономијата како предуслов за севкупниот развој на Македонија и македонскиот народ, не само што сведочат за социолошкиот дискурс во делото на Мисирков туку во повеќе аспекти им претходат на подоцнежните модернистички теории за нацијата и национализмот – заклучи Цветанова.
- „Нека ми простат, но јас како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и дури потоа интересите на Бугарија и Југославија! Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се врши сѐ само со спогодби меѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.“ – Мисирков во статијата звучно насловена „Македонски национализам“, в. „Мир“, 12. III 1925 година.
На крајот на дводневната свеченост се одржа промоција на два монографски труда за К.П. Мисирков од Ганка Цветанова и Димитар Пандев, а сѐ тоа беше заокружено со изложба на најновите изданија на петте национални институти – организатори на годинашните „III Мисиркови денови“.
ноември 23, 2026

