Connect with us

Општини

Николоски: „Кросрејл“ ќе биде техничка поддршка за целокупното работење на Македонски железници инфраструктура и тоа ќе биде подарок од британската Влада

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска изјави дека „Кросрејл“ ќе обезбеди стручна поддршка за целокупното функционирање на Македонски железници. Според него, ова претставува грант, односно донација од британската Влада за граѓаните на Македонија. Николоски одговори на новинарски прашања по увидот во реализацијата на инфраструктурни проекти во општина Кавадарци.

“Ние на последната седница на Влада усвоивме договор со компанијата „Кросрејл“. Тоа е компанија што е во стопроцентна сопственост на Министерството за транспорт на Велика Британија, компанија што ја изгради најдолгата, најмодерна и прва целосно дигитализирана метро – линија во Лондон и компанија што го одржува метрото во Лондон. Таа компанија ќе биде техничка поддршка за целокупното работење на Македонски железници инфраструктура и тоа ќе биде грант, односно тоа е подарок од британската Влада за граѓаните на Македонија. Тоа е уште еден чекор кон реализирање на проектот. Така што во добра насока сме. Еве и Србите вчера во Атина се во таа насока. Очекувам следниов период да имаме активности и со владите на Србија, на Унгарија и на Австрија и да пополека го затвораме проектот и да почнат машини на терен да работат,” изјави тој како одговор на прашање од новинар.

Владата на 114-тата редовна седница ја разгледа и ја одобри информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство, „Кросрејл интернешнал лимитед“.

Во известувањето на Владата се потенцира дека со договорот за соработка се формира рамка преку која страните ја потврдуваат нивната подготвеност и заложба да соработуваат преку размена на експертиза, искуства, добри практики и научени лекции во поддршка на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и на товарниот железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, модернизација на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк. „Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години. Овој договор произлегува од досега воспоставената соработка помеѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти,” се наведува во соопштението.