Забава
Комодо-змеј влезе во дом и касна маж во Индонезија
Комодски варан влегол во дом на индонезискиот остров Ринка и каснал 48-годишен маж за ногата, објавија тамошните медиуми денеска.
Како што пренесе ДПА, жртвата-маж е во стабилна состојба, иако лекарите сè уште проценуваат дали му е потребен дополнителен третман, покрај чистењето на раната и употребата на антибиотици, според Џулизар Ридуан – претставник на Управата на Националниот парк „Комодо“. Нападот се случил и покрај постојаните напори на управата на паркот да ги држи комодските варани подалеку од населените места. Информативниот портал „Компас“ извести дека постои сомневање дека влекачот влегол во домот следејќи ја 10-годишната ќерка на мажот, која се враќала од училиште вчера, а потоа го каснал човекот кој одморал.
– Заштитни огради во селото првпат биле поставени во 2021 година… Но, службениците не можат постојано да бидат присутни на локациите каде што се наоѓаат оградите, изјави Ридуан.
Комодскиот варан, познат и како комодо-змеј (лат.: Varanus komodoensis), е најголемиот влекач на светот; може да порасне до околу три метри во должина и да достигне тежина до 70 килограми. Нивните моќни вилици, остри заби и отровно каснување може да ги направат опасни средбите со луѓето. Овие влекачи се своето природно живеалиште на неколку индонезиски острови, вклучувајќи ги Комодо, Ринка и Флорес. Според Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН), тие се класифицирани како загрозен вид.
ноември 21, 2026


