Технологија
Во Јапонија претставен мобилен телефон без пристап до интернет
Јапонската корпорација КДДИ (KDDI) денеска претстави мобилен телефон со скромни функции, наменет за луѓето кои сакаат привремено да се воздржат од користење интернет.
КДДИ соопшти дека новиот телефон ќе почне да се продава следниот месец.
Новиот модел е дизајниран по примерот на телефоните кои беа популарни на почетокот на 21 век. Корисниците на тие уреди не можат да преземаат апликации, ниту да пристапуваат на интернет.
„Компанијата цели кон луѓето кои сакаат привремено да бидат офлајн, бидејќи во денешното информатичко општество поминуваат сè повеќе време на паметните телефони“, соопшти компанијата.
Се очекува дека новиот телефон ќе ги привлече љубителите на ретро-уреди и аналогната култура. Сунахара Сатоши, менаџер во компанијата КДДИ, изјави дека фирмата се надева оти новиот телефон ќе им помогне на луѓето кои инаку поминуваат премногу време гледајќи во екран.
Американски и швајцарски производители претходно претставија слични мобилни телефони со минимални функции.
ноември 21, 2026


