Connect with us

Економија

Коридорот 10, брзата пруга и економската соработка во фокусот на средбата Хаѕидакис – Николоски

Заеднички констатација беше дека географската локација на двете земји создава значајни можности за формирање силен транзитен и енергетски интерконективен центар во поширокиот регион, соопштија од кабинетот на вицепремиерот на Грција Костис Хаѕидакис за средбата со неговиот македонски колега Александар Николоски, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата вицепремиери се фокусирале на важноста за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји и промовирање на стратешки инфраструктурни проекти во регионот, особено во енергетскиот и транспортниот сектор.

Исто така, како што информираа од кабинетот на Хаѕидакис, се задржале на брзата железничка линија долж Коридорот 10, што ќе ги поврзува грчките пристаништа со централна Европа, „проект што се смета за клучен за стимулирање на прекуграничната трговија, намалување на времето на транспорт и подобрување на конкурентноста на економиите во регионот“.

-Дополнително, беа разгледани перспективите за зајакнување на трговските размени и инвестициите со цел проширување на соработката меѓу бизнис заедниците на двете земји и искористување на нови области од заеднички интерес. Двете страни ја изразија својата одлучност да го продолжат дијалогот и да ја продлабочат соработката во области од заеднички интерес и да промовираат проекти од стратешко значење што придонесуваат за стабилноста и просперитетот на регионот, соопштија од кабинетот на вицепремиерот на Грција.

Од македонското Министерство за транспорт посочија дека ова е прва средба на двајцата вицепремиери со која се истакна важноста и промоција на економската соработка и регионалните инфраструктурни проекти, но и дека на средбата беа потврдени заложбите на двете земји за подобра регионална соработка во делот на инфраструктурата, транспортот и услугите.

Биле презентирани стратешките приоритети на Владата во инфраструктурата и се потенцирала важноста од поефикасно регионално поврзување како предуслов за забрзан економски развој на регионот.

-Се истакна силната одлучност на двете Влади за изградба на брзата пруга на коридорот 10, регионален проект кој ќе овозможи развој на трговијата, зголемување на размената меѓу двете држави и брза врска на пристаништата во Грција со пазарите во Централна Европа. На средбата се презентираа условите за инвестирање во земјата како и можноста за поголема економска и трговска соработка меѓу бизнис заедницата на двете земји. На средбата заклучија дека соработката и реализацијата на проектите од регионално значење ќе продолжи во следниот период во насока на зголемување на ефикасноста на транспортот и меѓуграничната соработка, соопштија од Министерството.

Вицепремиерот Николоски за време на работната посета на Атина оствари и одделни средби со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Димас, како и со алтернативниот министер за инфраструктура надлежен за Константинос Киранакис, а во фокусот биле изградбата на брза пруга на коридор 10, зелени коридори на граничните премини, регионална соработка, поефикасен транспорт на стока и патници.

На средбите, како што информираа од Министерството, било потврдено дека во рамките на меѓусебната соработка, „унапредувањето на патниот и железничкиот транспорт се областите каде двете земји имаат заеднички интерес во насока на регионален развој“.

Заменик претседателот на Владата, Николоски ги потенцирал приоритетните проекти на Владата во делот во инфраструктурата со посебен фокус на брзата пруга на коридор 10, проект кој треба да овозможи силен инпут во економскиот развој на регионот.

-На средбите се разговараше и за модернизација на граничните премини преку создавање на зелени ленти се со цел да се овозможи побрз и поефикасен транспорт. Изразија задоволство од одлуката на двете земји за изградбата на граничниот премин Маркова нога како предуслов за зголемување на прекуграничната соработка и подобра комуникација на граѓаните, соопштија од Министерството за транспорт.