Вести
Студија: Постои голема разлика меѓу законите и нивната примена во пракса

Законите што се однесуваат на интегритетот и независноста на секторите за борба против организираниот криминал и корупција во сите шест земји од Западен Балкан се на доста високо ниво и ги задоволуваат меѓународните и стандардите на ЕУ, но постои голема разлика помеѓу тие закони и нивната примена во пракса. Карактеристично за сите е тоа што полициските служби од земјите од Западен Балкан, имаат тесна поврзаност со политичките партии и со организираниот криминал, што доведува до непреземање или испуштање на преземање на конкретни дејствија, поврзани со организирани случаи на криминал, додека во делот на правосудството недостига внатрешна координација, хармонизација и воедначен пристап од сите оние тела кои треба да ја унапредуваат и да ја штитат судската независност.
Ова го порачаа експерти кои работеле на студијата „Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал – Интегритет и независност на кривичното правосудство на Западен Балкан“, што денеска беше презентирана на работилница во МАНУ во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.
Вишот советник на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC) и амбасадор на Европската организација за јавно право во ОН во Виена, професор Угљеша Звекиќ, вели дека организираната корупција значи намерите на интересните групи, кои може да бидат криминални или да бидат сосема легални како што се политичките партии, фудбалските клубови и т.н. со недозволени средства да ги остваруваат своите интереси и профити, кои може да бидат од лична или групна природа.
-Тука постои една црвена линија што ние ја пратевме со истражување на политичката економија, антикорупцијата и корупцијата на Западен Балкан, финансирањето на политичките партии и изборите, влијанието на политичките фактори на јавните набавки и користењето на јавните или државните претпријатија од страна на политичките актери за остварување на одреден профит. Општиот заклучок е дека на цел Западен Балкан благодарение на фактот што сите се обидуваат да влезат во ЕУ, законите што се однесуваат на интегритетот, независноста и сите овие сектори, се на доста високо ниво и ги задоволуваат меѓународните и стандардите на ЕУ. Секако, како и во други области од животот, постои голема, голема разлика помеѓу тие закони и нивната примена во пракса. И ние знаеме дека во одредени средини, во одредени околности, постои постојан обид од првенствено политички фактори и организираниот криминал, да влијаат и да ја намалат независноста, пред се на полицијата, потоа на обвинителството, судството, па дури и на антикорупциските тела, изјави Звекиќ.
Тоа, нагласи Звекиќ, е многу чувствително прашање, а независноста на секторите полиција, обвинителство, судството и антикорупциски тела, е најголемиот отпор против организираната корупција, организираниот криминал, и ние треба силно да инсистираме на тоа.

Вишиот советник на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC) и професор на Факултетот за безбедност, Трпе Стојановски, кој бил вклучен во процесот на истражување на полициските сервиси во земјите од Западен Балкан, вели дека карактеристично е тоа што полициските служби од земјите од Западен Балкан, имаат тесна поврзаност со политичките партии, и со организираниот криминал, што доведува до непреземање или испуштање на преземање на конкретни дејствија, поврзани со организирани случаи на криминал.
-Тоа е карактеристика за земјите од Западен Балкан, и каде што надминувањето на овие состојби, идентично како и во Република Македонија, може да се направи со интензивно спроведување на профилирани тренинзи за едукација на високо ниво на полициските службеници, со почитугвање на тренинзи коишто ги исполнуваат стандардите на Европскиот комитет за превенција од тортура, и на Европскиот суд за човекови права, и особено за пополнување на празнините коишто постојат во делот на внатрешната и надворешната контрола, потребата за изнаоѓање на похармонични решенија и размена на информации во прав момент помеѓу овие две структури и секако соработката помеѓу полицијата и ЈО коешто има бројни празнини, а се однесуваат на недостиг на кадар, на недостиг на технички средства, особено оние од поновата генерација, и секако на поголемата вклученост во работата на полицијата на жената, особено во делот на носењето на одлуки, изјави Стојановски.
Тренинзи, како што нагласи Стојановски, коишто ќе го подигнат јавното мислење за посоодветна застапеност на жената во полициската организација, што ќе доведе и до поголема доверба која што и треба на полицијата.
Извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“ и автор на делот од извештајот за земјава, Дарко Аврамовски, вели дека заклучоците од истражувањето во делот на правосудството се во голема мера очекувани и не отстапуваат од она што и претходно било кажано, меѓутоа се систематизирани на еден начин на којшто се прикажува големата слика во поглед на ефикасноста на судството, ефикасноста во борбата со корупцијата, меѓутоа и отпорноста на судството кон ваквите обиди за влијание врз истото.

-Главните проблеми се сконцентрирани околу недостигот на ресурси на судовите за да се справуваат и да можат да бидат соодветно отпорни, меѓутоа и недостигот на внатрешна координација, хармонизација и воедначен пристап од сите оние тела во правосудството кои треба да ја унапредуваат и да ја штитат судската независност. Беше многу тешко да се најдат добри примери кои можат да се искористат како некој патоказ како некоја пракса која би ја преземале и останатите судови затоа што очигледно дека веќе се пресликуваат овие системски проблем кои едно време мислевме дека се типични само за високата корупција очигледно дека се распространети на многу повеќе области во судството и дека судството очигледно веќе губи капацитет за да може да се заштити и самото себеси, но и да ја унапредува својата ефикасност во борбата со високата корупција, изјави Аврамовски.
Претседателката на ЗКПКМ и професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Александра Груевска Дракулевски, вели дека проблемот со корупцијата и проблемот со органзиран криминал е нешто што за жал, постојано не следи.

-Ние се уште сме високо на според степенот на перцепција, високо сме корумпирана држава речиси во сите сфери, посебно и во правосудниот систем. И ние како и другите земји од Западен Балкан, сме во постојани реформи. Меѓутоа за жал, иако имаме напредок се уште се соочуваме со проблеми во поглед на борбата против корупцијата и организираниот криминал, изјави Груевска Дракулевски.
Според Груевска Дракулевски, случаи на корупција, имало и ќе има, меѓутоа мора да се бориме тоа да се превенира, така што, како што рече, и оваа студија дава препораки што се надевам дека ќе бидат земени во предвид во насока на унапредување на работата и справување со овој клучен проблем со кој се соочуваме веќе со години.
Студијата ги опфаќа сите земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија и ги анализира состојбите и предизвиците во секторите на полицијата, јавното обвинителство, судството и антикорупциските тела.
септември 25, 2025