Општини
МЖСПП: Депонијата во Струга е во надлежност на Општината

Во врска со ситуацијата со депонијата во Струга Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека Општината има должност редовно да ја одржува и чисти, со цел да се спречат дополнителни еколошки и здравствени ризици и да се обезбеди минимален стандард на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Министерството за животна средина и просторно планирање, нагласуваат оттаму, останува достапно за поддршка во рамки на своите надлежности, но одговорноста за редовното управување и одржување на депонијата е на локалната самоуправа.
-Министерството за животна средина и просторно планирање потсетува дека управувањето со комуналниот отпад е законска обврска на општините. Согласно Националниот план за управување со отпад 2021–2031 и регионалните планови, општините се должни да обезбедуваат собирање, транспортирање, селекција и расчистување на отпадот на нивната територија. Во моментот се работи на воспоставување на регионален центар за обработка и систематизирање на отпад, кој ќе обезбеди трајно и системско решение за управување со отпадот во регионот. Сепак, додека овој центар не биде изграден и ставен во функција, општина Струга има должност редовно да ја одржува и исчисти постојната депонија, со цел да се спречат дополнителни еколошки и здравствени ризици и да се обезбеди минимален стандард на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, се наведува во соопштението од МЖСПП.
септември 25, 2025