Connect with us

Свет

Огромна дупка се отвори на прометна улица во Бангкок

Огромна дупка се отвори на средина на прометна улица пред болница во централниот дел на тајландската престолнина Бангкок утрово, предизвикувајќи паника.

Инцидентот предизвика евакуација на илјадници луѓе од областа.

-Кратерот е со димензии 30 на 30 метри и длабок околу 50 метри, објави „Бангкок пост“, повикувајќи се на локалните власти.

Фотографиите и видеата покажуваат како помал дел од улицата прво се урива. Пешаците почнуваат да трчаат, а автомобилите почнуваат да се движат наназад додека сè повеќе делови од патот се уриваат во огромната дупка.

Инцидентот се случил веднаш над новоизградената станица на метрото. Два електрични столба и полициски камион паднале во дупката, објавија локалните власти. Нема извештаи за повредени. Властите евакуирале илјадници пациенти од блиската болница и жители на блиските станбени згради.

Работата во болницата Ваџира во Бангкок беше делумно прекината, а амбулантските услуги беа суспендирани, иако пациентите примени во болницата продолжија да добиваат нега. Инспекцијата не покажа структурни оштетувања на зградата, соопштија властите.

Весникот „Нејшн“ објави големи сообраќајни метежи во областа. Екипите работат на стабилизирање на теренот околу огромната дупка поради страв дека дождовите би можеле да предизвикаат повеќе уривања на улицата.

Причината за уривањето сè уште се истражува.