Connect with us

Општини

Ангелов: Романската „РоАид“ ќе донира специјализирано возило за справување со шумски пожари на ДЗС

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вчера во Романската агенција за меѓународна соработка и развој – „РоАид“ (RoAid), потпиша спогодба за донација на специјализирано возило, чија цел е да ги зајакне способностите на ДЗС во справувањето со шумски пожари. Ова се случи за време на средбата со Рајед Арафат, државниот секретар во романското Министерство за внатрешни работи, кој го предводи Одделот за вонредни ситуации. Состанокот беше посветен и на проширување на билатералната соработка меѓу Романија и нашата држава.

Оваа донација претставува важен придонес кон подобрување на оперативната подготвеност на ДЗС и служи како потврда за постојаната поддршка од страна на „РоАид“ (RoAid).

Од 2021 година, „РоАид“ се покажа како сигурен и докажан партнер на ДЗС, со досегашни донации на теренско возило (ATV) и радио комуникациска опрема.

На билатералните средби за соработка, покрај Ангелов, присуствуваа и раководителот на Одделението за меѓународна соработка, Валентина Атанасовска, како и советникот за оператива и логистика, Дејан Спасевски.

Ангелов, во име на ДЗС, ја изрази својата искрена благодарност за досегашната соработка и поддршка, уверувајќи дека ова партнерство ќе продолжи да се развива и во иднина, во корист на граѓаните и регионалната безбедност. Тој истакна: “Ова партнерство ќе продолжи да се развива и во иднина во интерес на граѓаните и регионалната безбедност.”