Connect with us

Економија

Славески: Очекуваме комерцијалните банки да се придржуваат на одлуката за намалени каматни стапки за прво купување стан

Народна банка не ги утврдува каматите и стапките на кредитите и одлуката е објавена во „Службен весник“. Банките имаат цели два и пол месеци за подготовка и очекуваме да се придржуваат на таа одлука од аспект на тоа што е во надлежност на Народна банка во регулирањето на учеството во однос на месечната рата на кредитот и она ограничување што се однесува на висината на сопственото учество и вредноста на имотот којшто станува залог, истакна денеска гувернерот на НБРМ, Трајко Славевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со одлуката на Народна банка за намалени каматни стапки за прво купување стан.

Како што нагласи тој, Народна банка не е институција која ги определува каматните стапки, но, како што посочи, со одлуката укажуваат на една пракса во светот која се заснова на проценките на ризикот дека семејствата коишто за првпат купуваат стан и живеат во него или куќа, се помал ризик од аспект на сервисирање на обврските. Оттука, тие добивале поповолни услови насекаде во светот од страна на комерцијалните банки и тоа тој го очекува од македонските комерцијални банки.

Во врска со тоа каква е реакцијата на банките и дали се согласиле понудата за купување прв стан да биде поевтина, гувернерот одговори дека сè уште нема ниту официјална, ниту неофицијална најaва од страна на банките.

„Немаме, треба да ги слушнеме, најверојатно прават проценки и пресметки. Немам ниту официјална, ниту неофицијална најава од страна на банките. Мислам дека сè уште е рано“ рече тој.


На уште едно новинарско прашање дека банкарскиот сектор има друга логика – што е поголемо учеството, поповолни се кредитите, Славески смета дека сè е релативно.

„Еве, земете вие сега ако можете со 10 илјади евра во денарска противвредност за помал стан кој не мора да биде во центарот на Скопје и влезете во решавање на своето сопствено станбено прашање. Ако ви се потребни наместо 10, 20 илјади евра вие ќе треба да ги позајмите од некаде, за што ќе плаќате камата или да речеме од своите најблиски, роднини, пријатели или потрошувачки кредит, што сè има трошок. Сакам да кажам дека нема ниту еден аргумент дека ова не е поповолно или не би било поволно за некој што го нема решено станбеното прашање“, изјави Славески.