Connect with us

Свет

Повеќе од 100 шатори повторно поставени во Лисабон и Порто на протестите поради кризата со домување

Повеќе од 100 шатори се поставени во Лисабон и Порто од страна на демонстрантите поради кризата со домување и високите трошоци за живот, кои бараат владата да го повлече законот што би го олеснил иселувањето на станарите и би ги укинал ограничувањата за кирија на новите договори за закуп, објави денеска „Diario de noticias“.

Во Лисабон повторно беа поставени околу 80 шатори на плоштадот Росио, додека околу 30 шатори останаа во центарот на Порто, а досега не се пријавени инциденти во ниту еден град.

Пратеникот од левиот блок Фабијан Фигеиредо, кој ја помина ноќта во кампот во Лисабон, рече дека „ноќта поминала мирно“.

Фигеиредо рече дека неговата партија во текот на оваа недела ќе презентира пакет мерки за „решавање на кризата со домувањето“.

Според него, португалскиот премиер Луис Монтенегро требало вчера да објави дека го повлекува законот за емиграција, што во голема мера придонесува луѓето да излезат на улиците за да го изразат своето незадоволство од политиката на Владата.

Премиерот Монтенегро вчера изјави дека не ги потценува протестите поради високите трошоци за домување и дека внимателно ја слуша загриженоста на граѓаните кои излегуваат на улиците, но предупреди дека нема причина да се „увезуваат модели на насилни протести“ во земјата.

Во обраќањето од официјалната резиденција на премиерот во Лисабон, Монтенегро нагласи дека е потребно да се усогласи правото на протест со другите права на граѓаните вклучувајќи ја слободата на движење, правото на мир, јавен ред, безбедност и здравствена заштита.

Протестите поради кризата со домување и високите трошоци за живот како и новиот владин закон започнаа на 10 октомври во Порто и набрзо се проширија во Лисабон и другите градови, каде што беа поставени и шаторски населби. 

Ad
Ad