Свет
Израелската изборна комисија ги потврди резултатите од изборите, Бен-Гвир бара апсење на арапските лидери
Централната изборна комисија на Израел ги усвои резултатите од минатонеделните избори, со што официјално започна процесот на формирање нова влада, објави „Тајмс оф Израел“.
Опозициските партии „Јеш Атид“ и „Сино-бели“ гласаа за усвојување на резултатите, додека претставниците на партијата „Ликуд“ на премиерот Бенјамин Нетанјаху и на ултраортодоксната партија „Шас“ беа воздржани. Резултатите ги усвои и поширокиот состав на комисијата, а претседателот, судијата Ноам Солберг, го даде одлучувачкиот глас за потврдување на изборните резултати.
Резултатите од изборите му беа доставени на претседателот на Израел, Исак Херцог, кој сега ќе почне консултации со лидерите на партиите за избор на премиер. Се очекува Херцог да му го довери мандатот за составување нова влада на оној што ќе добие најголема поддршка од партиските лидери.
До гласањето во изборната комисија дојде откако „Ликуд“ и други партии од досегашната владејачка коалиција се обидоа да го одложат усвојувањето на резултатите, повикувајќи се на недокажани тврдења за изборна измама. Судијата Солберг го отфрли нивното барање, образложувајќи дека комисијата нема овластување да го одложи потврдувањето на резултатите врз основа на информации за истраги или загриженост на органите за спроведување на законот.
Претходно денеска, комисијата повтори дека не се утврдени никакви неправилности што би укажале дека гласањето било загрозено или дека резултатите биле изменети.
– Преносот на власта не може да зависи од желбите или согласноста на претставниците на мнозинството во Кнесетот кое заминува од власта. Таквиот пристап не само што е спротивен на законот, туку е во спротивност и со самите темели на нашиот заеднички живот како граѓани во демократска држава – рече Солберг.
Иако израелската безбедносна служба Шин Бет ја извести комисијата дека располага со разузнавачки информации за странско финансирано влијание врз изборните резултати, таа нагласи дека се потребни дополнителни истражни дејствија за да се утврди обемот на тоа влијание.
На ова реагираше министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, лидер на партијата „Оцма Јехудит“, која е дел од политичкиот блок на Нетанјаху. Тој го повика шефот на Шин Бет, Давид Зини, да ги уапси сите лидери на арапските партии и да ги сослуша без одобрение од државниот обвинител, барајќи итно запирање на процесот на потврдување на резултатите и формирање нова влада.
„Ликуд“ на Нетанјаху исто така ги обвини арапските партии за изборна измама и изнесе тврдења за странско влијание врз изборите, додека опозицијата предупреди дека таквите обвинувања не треба да се злоупотребуваат.
ноември 5, 2026


