Регион
Герапетритис: Грчко-американските односи ги надминуваат изборните циклуси
Грција разви таков тип дипломатија со Соединетите Американски држави, што не е под влијание на какви било изборни промени, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за телевизијата „Антена“, коментирајќи ги резултатите од меѓуизборите во САД, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија објасни дека без разлика на резултатите, ќе се задржи стратешкиот карактер на односите меѓу двете земји.
– Да започнам од основното, што знам дека може да звучи како стереотип, но сметам дека е реалност: грчко-американските односи ги надминуваат изборните циклуси. Поддршката за Грција е од сите партии. Мислам дека тоа се покажа не само преку посетите на високи американски функционери, туку и преку изјавите што доаѓаа од сите страни на американската политичка сцена. Стратешката длабочина на односите ќе се задржи на сите нивоа, посочи Герапетритис.
Додаде дека за Грција значаен фактор се и кандидатите со грчко потекло, нагласувајќи дека за првпат по 2013 година ќе има сенатор со грчко потекло.
Во однос на резултатите оцени дека клучен параметар за Американците беше економијата и војната во Иран што влијаеше на цените во внатрешноста на земјата, но сепак посочи дека резултатите на меѓуизборите не одредуваат што ќе се случи на следните избори.
Во интервјуто се осврна и на турско-либискиот меморандум, за кој уште еднаш повтори дека нема никакво правно влијание и покрај ратификацијата, а го коментираше и предлогот на Турција Феридун Синирлиоглу да биде кандидат за генерален секретар на ОН, велејќи дека Грција нема да ја поддржи оваа кандидатура.
– Грција јасно ја има формулирано својата позиција во ОН, дел сме од Советот за безбедност и имаме решавачки глас за ова прашање. Го имавме и претседателството каде што се одржаа низа неформални гласања. Грција нема да ја поддржи кандидатурата. Сметаме дека генералниот секретар на ОН треба да има многу конкретни карактеристики што ќе му даваат особена тежина за да може да одговори при тешки услови и дополнително, треба да доаѓа од земја која целосно го почитува меѓународното право. Сите знаеме дека кога Турција не прифаќа резолуции на ОН, а конкретно во прашањето за Кипар, никогаш, од ниту една грчка Влада не би се толерирала таква кандидатура, објасни Герапетритис.
ноември 4, 2026


