Култура
„Месецот на книгата“ со три настани во охридската библиотека
Креативна работилница за оживување на старите книги, промоција на детската книга „Бајкоград“ од Ана Цветаноска и претставување на збирката нотни записи „Авторски ора од Гоце Џуклески“ се трите настани што НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ги најавува во рамки на програмата за одбележување на „Месецот на книгата“.
Првиот настан ќе се одржи во понеделник, 2 ноември, кога во библиотеката ќе започне проектот „Креативна работилница – нов живот за старите книги“, во кој ќе учествуваат ученици од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид.
Преку техниката оримото, односно уметничко обликување книги со внимателно виткање на страниците, учениците ќе создаваат оригинални творби и ќе откриваат нови начини за креативна употреба на старите книги. Во реализацијата на проектот се вклучени м-р Ани Глигорова-Милева и м-р Гонца Запрова-Анастасова од библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.
Во вторник, 3 ноември, со почеток во 12 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Бајкоград“ од охридската авторка Ана Цветаноска. Инспирирана од Охрид и неговата околина, авторката создава современи бајки во кои езерото, приказните и фантазијата се спојуваат во волшебен свет.
Во вториот дел од настанот, ученици од четврто одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“ ќе цртаат мотиви инспирирани од книгата.
Последниот настан е закажан за среда, 4 ноември, во 12 часот, во Прличевата одаја, каде ќе биде промовирана книгата „Авторски ора од Гоце Џуклески“, збирка што содржи 76 ора, поделени во два дела – „Македонски ора“ и „Балкански ора“.
Мелографијата, компјутерската нотографија и графичкото обликување се дело на м-р Сашо Ливрински, долгогодишен соработник на д-р Гоце Џуклески. Во предговорот тој го истакнува препознатливиот музички јазик на авторот, вклучувајќи карактеристичен мотив од пет тона што се појавува речиси во секоја композиција и претставува негов авторски потпис.
На промоцијата, во присуство на авторот, преку видеозаписи и нарација ќе бидат претставени рецензиите на музиколозите и музичките виртуози Кирил Тодевски, Марко Коловски, Влада Веселиновиќ, Владимир Минчев и Дарко Илиевски. Ќе се обрати и авторот на книгата. Изданието е објавено во тираж од 200 примероци, во издание и печат на „Индиго Хаб“ од Скопје.
Со трите настани, библиотеката продолжува да ја збогатува програмата на „Месецот на книгата“, поттикнувајќи ја читателската култура, креативноста и афирмацијата на книжевното и културното наследство.
октомври 31, 2026


