Connect with us

Регион

Мицотакис во ОН: Турско-либискиот меморандум е незаконски, произволен и спротивен на самата географија

Таканаречениот турско-либиски меморандум за разграничување на поморските зони претставува флагрантно кршење на основните принципи на меѓународното право на морето. Тој е незаконски, произволен и спротивен на самата географија, порача премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за време на отворената дебата на високо ниво во рамките на грчкото претседателство со Советот за безбедност на ОН, јави дописничката на МИА од Атина.

Дебатата е на тема „Одржување на меѓународниот мир и безбедност: новите технологии и поморската безбедност“, а Мицотакис говореше за важноста на слободата на пловидба и на „почитувањето на правилата што ги уредуваат нашите мориња“, при тоа осврнувајќи се детално на турско-либискиот меморандум од 2019 година за разграничување на морските зони во Средоземното Море, што неодамна беше ратификуван од Претставничкиот дом на Либија.

Објасни дека Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, со 172 договорни страни е обврзувачка, бидејќи опфаќа севкупна правна рамка со која се регулираат активностите на море, ја штити слободата на пловидбата, ги штити суверените права на државите и овозможува развој на светската поморска трговија.

Додаде дека меѓународното право не може да се применува селективно, а правилата што управуваат со морињата „не можат да се преформулираат за да им служат на амбициите на поединечни држави“ и се задржа, на како што рече, конкретен пример од регионот на Источниот Медитеран – односно на турско-либискиот меморандум.

-Грција и Либија се природни соседи со брегови што се наоѓаат еден спроти друг. Врз основа на меѓународното право, имаат право со договор да ги разграничат своите морски зони. Спротивно на тоа, Турција и Либија немаат, повторувам, немаат ниту брегови еден спроти друг, ниту соседни брегови. Сепак, се обидоа да воспостават вештачка поморска граница меѓу нив. Тоа е апсурдно. Не постои ваков случај досега, да повторам, не постои ваков случај досега на вакво дијагонално разграничување, истакна Мицотакис и со помош на мапа ја објасни ситуацијата.

Посочи дека Турција и Либија, всушност, се обидоа да повлечат поморска граница меѓу себе, „како да не постојат грчките острови што се наоѓаат меѓу нивните брегови“, споменувајќи ги Крит, Родос, Карпатос и Касос, кои „не се ненаселени карпи среде море“, а „меморандумот едноставно се преправа дека тие не постојат“.

– Замислете Грција и Тунис да одлучат да ги разграничат поморските зони меѓу нив, како воопшто да не постојат Сицилија и Малта. Дали некој сериозно би сметал дека таквиот договор е законски? Меѓународното право е сосема јасно: островите имаат право на поморски зони, вклучувајќи ги и континенталниот гребен и ексклузивната економска зона, согласно Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, објасни грчкиот премиер.

Повтори дека турско-либискиот меморандум „не произведува правни последици во однос на суверените права на Грција“ и незаконскиот карактер „јасно беше препознаен од меѓународната заедница, вклучително и од сите 27 земји членки на Европската Унија“.

– Не можеме да дозволиме нашите мориња да се претворат во џунгла, каде што државите сами избираат кои правила ќе ги почитуваат, а произволните претензии го заменуваат меѓународното право. Како што истакна генералниот секретар на Обединетите нации, осврнувајќи се токму на ова прашање, мораме да обезбедиме силата на правото да надвладее над правото на силата, порача Мицотакис.

Дополнително, говореше за слободата на пловидба, за важноста поморските патишта и поморските рути „да останат отворени, слободни и безбедни“, го спомена вчерашниот напад врз грчки трговски товарен брод во Црното Море, посочувајќи дека тоа е „уште еден потсетник за итната потреба од глобално поморско примирје“.

Нагласи дека ниту една земја не може сама да ги заштити морињата и затоа потребна е посилна меѓународна соработка меѓу државите со слични ставови, подобра размена на информации, поголеми инвестиции во поморските капацитети и објасни дека за време на грчкото претседателство со ЕУ во втората половина на 2027 година, поморската безбедност ќе остане високо на агендата.

– Морето може да нè обединува, но може и да нè разделува. Може да биде мост меѓу народите, извор на благосостојба, но и поле на конфронтација и конфликт. Кој пат ќе го избереме, на крајот, зависи од нас. А тој избор започнува со почитувањето на меѓународното право. За Грција, нација обликувана од морето, со илјадници острови и најголема трговска флота во светот, ова е прашање од витално значење. Слободата на пловидбата зависи од поморската безбедност, а поморската безбедност зависи од почитувањето на меѓународното право. Овие принципи се темелот на светската трговија, просперитетот и мирот, порача Мицотакис.

На крајот од говорот, грчкиот премиер повтори дека „Грција ќе остане цврст бранител на меѓународното право и слободата на пловидба, соработувајќи со сите партнери за морињата да останат отворени, безбедни и мирни“. 

Ad
Ad