Свет
Двајца мажи загинаа за време на традиционалните фестивали во Осака, повредени се 15 лица
Најмалку двајца мажи загинаа, а повеќе од 15 лица се повредени кога денеска се превртеа свечени кочии за време на традиционалните фестивали во јапонската префектура Осака, на југот од островот Хоншу, соопшти полицијата.
Во градот Изумисано, 51-годишен маж остана заглавен под кочијата на која се возеше со други учесници и почина во болница, додека уште седум лица беа повредени, пренесе Кјодо.
Во друг инцидент во градот Изумиоцу, се преврте друга кочија, при што загина 48-годишен маж кој, исто така, остана заглавен под неа, а уште девет лица беа повредени. Двете несреќи се случија при превртување на кочиите, наведе полицијата.
Традиционалните кочии, познати како „данџири“, учесниците ги влечат по улиците исклучително со човечка сила. Фестивалите настанале како молитви за добра жетва, а посебно опасен дел од поворката е „јаримаваши“, за време на кој кочиите нагло завртуваат без запирање.
Во префектурата Осака, на 3 октомври, беа повредени 11 лица кога кочија се преврте во градот Сакаи.
октомври 11, 2026


