Connect with us

Свет

ЕУ: Укинувањето на санкциите за рускиот дизел ѝ обезбедува на Москва средства за водење војна

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денеска оцени дека укинувањето на санкциите за рускиот дизел му помага на Кремљ во војната што ја води против Украина, откако Вашингтон и Москва објавија дека постигнале договор за извоз на руско гориво.

„Суспендирањето на санкциите за рускиот дизел ѝ обезбедува на Москва дополнителни приходи за водење војна. Сега не е време за ублажување на притисокот врз Русија и Европа нема да го стори тоа“, напиша Калас на социјалните мрежи.

Таа потсети дека во руски напади во последните два дена загинаа повеќе од 80 украински цивили.

„Покрај тоа, Русија ги засили своите хибридни напади врз Европа – како против земјите-членки на ЕУ, така и против сојузниците во НАТО“ нагласи Калас и информира дека министрите за надворешни работи на ЕУ в понеделник, имаат намера да го одобрат најголемиот пакет санкции насочени против руската воена машина од почетокот на војната.

Трамп вчера соопшти дека Русија се согласила да ги снабдува светските пазари со дизел во обид да се намалат цените на горивата. Тој рече дека неговата администрација привремено ги укинала американските санкции за руското гориво, кои беа воведени со цел на Москва да ѝ се скратат приходите за војната во Украина.

Според соопштението од Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја е подготвена да испраќа нафта и нафтени деривати во САД и на глобалните пазари и оцени дека тоа би ѝ помогнало на глобалната економија во целост.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ја осуди одлуката како „срамна“ и „слаба“, истакнувајќи дека ќе ѝ овозможи на Москва да продолжи да ја финансира својата инвазија врз Украина.

Германија претходно денеска соопшти дека ќе ги задржи санкциите против Русија поради нејзината војна во Украина, и покрај објавата на Трамп.

Ad
Ad