Connect with us

Свет

Спорно истражување во Гвинеја-Бисао: Дански научници ќе ја одложат вакцинацијата против хепатитис Б кај 7.000 бебиња

Етичката комисија на Универзитетот во Јужна Данска одобри спроведување спорно истражување во Гвинеја-Бисао, во чии рамки на илјадници новороденчиња нема да им биде дадена препорачаната доза вакцина против хепатитис Б веднаш при раѓањето, објави „Гардијан“. Според медиумот, одложувањето на оваа вакцинација е една од целите на здравствената политика на американскиот секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот.

Данските истражувачи планираат во студијата да вклучат 14.000 бебиња, од кои половината ќе ја примат вакцината веднаш по раѓањето, додека кај останатите вакцинацијата ќе биде одложена до навршувањето шест недели од нивниот живот. Оваа одлука предизвика силно противење и оставки кај дел од членовите на етичката комисија, иако проектот доби одобрение и од властите во Гвинеја-Бисао.

Стиг Борсен Хансен, еден од основачите на комисијата и експерт што ја претставуваше студијата, вчера поднесе оставка наведувајќи сериозни етички проблеми, а уште тројца членови поднесоа оставки во знак на протест.

– Сега ги вклучувате новороденчињата во лотарија за да проверите хипотеза – изјави Хансен, предупредувајќи дека бебињата што нема да ја примат вакцината веднаш по раѓањето може да бидат изложени на ризик од инфекција што остава доживотни последици.

На ова предупреди и Хенрик Стоуринг, професор по статистика и фармакометрија на Универзитетот во Архус, кој оцени дека е етички проблематично да им се ускратува вакцината на дел од децата кога постојат повеќедецениски докази за нејзината корист.

Гвинеја-Бисао има една од највисоките стапки на хепатитис Б во светот, каде што околу 18 отсто од возрасното население го носи вирусот. Вирусот може да се пренесе од мајката на детето за време на породувањето, но и преку други членови на семејството или лица што се грижат за детето, како и преку контаминирани предмети. Притоа, децата заразени во текот на првата година од животот имаат значително поголем ризик од развој на хронична инфекција и рак на црниот дроб.

Поради меѓународните критики, иако министерот за здравство на Гвинеја-Бисао, Квињин Нантоте, претходно годинава соопшти дека истражувањето е прекинато, протоколот на студијата во меѓувреме е изменет. Истражувачите сега планираат да ги тестираат мајките за хепатитис Б пред породувањето. Бебињата на мајките кај кои ќе биде потврдена инфекција ќе ја примат вакцината и нема да учествуваат во студијата, додека во истражувањето ќе бидат вклучени само бебиња чии мајки ќе имаат негативен резултат. Новиот протокол сè уште не е јавно објавен.

Експертите, сепак, предупредуваат дека негативниот резултат од тестирањето не ја исклучува целосно инфекцијата, бидејќи тестот може да даде лажно негативен резултат во околу пет отсто од случаите.

Според „Гардијан“, американските Центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) издвоиле 1,6 милиони долари за проектот во буџетот за оваа година, а финансиска поддршка треба да обезбедат и приватни фондации, меѓу кои и „Персинг сквер фаундејшн“ (Pershing Square Foundation), чиј коосновач е милијардерот Бил Акман, како и фондацијата „Блубел“ (Bluebell Foundation). ЦДЦ, данските истражувачи и другите вклучени страни не одговорија на прашањата на британскиот весник во врска со истражувањето.

Ad
Ad