Connect with us

Општини

Почна велешката „Питијада 2026“

Со сечење на Џиновската пита во Велес синоќа почна годинашната традиционална манифестација„Питијада“ 2026“. Питата годинава беше долга рекордни 4,4 метри, тешка 90 килограми, а за 7 часа ја подготвија пита мајсторите на фурна „Гемиџии“ од 28 килограми тесто, 45 килограми месо и 370 јајца.

Првите парчиња Велешка пита по традиција и годинава ги пресекоа организаторите како домаќини градоначалникот Марко Колев, претседателот на Совет на Општина Велес, Даниел Јаневски и заменик градоначалничката Елизабета Митреска Ангелеска заедно со останати членови на Советот на Општина Велес, во присуство на голем број на велешани од сите генерации. Тие дојдоа да пробаат парче од џиновската пита и да донираат парични средства во хуманитарната касичка поставена од волонтерите на Општинската организација на Црвен крст. Организаторите заедно со Општинската организација на Црвен крст ќе одлучат по завршување на манифестацијата на кого ќе бидат доделени собраните хуманитарни средства во вредност од 15 илјади денари. Инаку, започнувањето на манифестацијата традиционално со песна и игра на главната бина го означија најмладите – дечињата д ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“ кои донесоа радост и насмевки кај присутната публика.

На манифестацијата „Питијадата 2026“ која трае од 9 до 11 септември, годинава се претставуваат 11 велешки угостители – мастори на велешката пита пастрмајлија и Винаријата „Тиквеш“. Организаторот Општина Велес годинава подготвија и веб-страна со потребните информации како и слободни места за паркирање во градот. Во Велес се уште паркирањето е бесплатно.Воедно, беше отворен и традиционалниот Есенскиот базар на рачни ракотворби на кој на 30-тина штандови – дрвени куќички се претстауваат велешките ракотворци со најразновидни рачни изработки,а има и сувенири изработени специјално за велешката „Питијада“.

Во забавниот дел настапија Тони Андреев, Влатко Миладиноски, Златко Миладиноски со оркестарот. Вечерта со концерт ја означи Влатко Лозаноски со својот бенд во присуство на бројна публика, од кои најбројни беа младите кои пееја со својата омилена ѕвезда. Организаторите на посетителите им подготвија и величествен огномет над главната бина со што ја означија за отворена годинашната „Питијада 2026“. Фестивалот на велешка пита пастрмајлија и најдобрите македонски вина, ја продолжува вековната традиција за подготовкана велешката пита пастрмајлија која е вкус на градот и негов бренд.

Фестивалот „Питијада 2026“ продолжува денеска со изложбата на олдтајмерии која ја организира здружението „Кингс оф д Стрит“ или во превод „Кралеви на улиците“. На програмата од 12 часот ќе настапат и најмалите ѕвезди од Детскиот фестивал „Јаболчиња“, а во забавниот дел вечерва ќе настапат Марија Спасовска, Ана Петановска, Александар Тарабуов, а некаде околу полноќ српската ѕвезда Наташа Беквалац.

Општина Велес ги повикува љубителите на добриот вкус и забавата од сите градови од земјава, денеска и утре да дојдат во убаво уредениот Велес и да уживаат во вкусот на традицијата која продолжува и трае.

Во манифестацијата се вклучени и бројни волонтери како и вработените на ЈКП „Дервен“ кои постојано се на терен и чистат по велешките улици како и полицијата која го регулира сообраќајот и се околу манифестацијата, а поставени се и дежурни екипи на Пожарната и на екипата на Брза помош.

Ad
Ad