Општини
Промовиран каталог за 11 Октомври и Меморијалниот музеј во Прилеп, на празникот утре ќе има богата програма во градот
Во пресрет на празникот 11 Октомври и одбележувањето на 85-годишнината од почетокот на Народното востание, прилепскиот Завод и музеј синоќа во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ го промовираше каталогот во чест на празникот, но и по повод 65-годишнината од отворањето на Музејот.
Според историчарот од Заводот и музеј, Рубин Белчески, во суштина, во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ е сместен настанот 11 октомври 1941-та.
-Каталогот содржи историјат за Меморијалниот музеј „11 Октомври“, од 1961 година кога е отворен, па до денес. Во каталогот е музејската поставка, голем број текстови, фотографии и на збирката оружје од Музејот кое го користеле востаниците при нападот на 11 октомври 1941-та, но и во текот на НОБ и Револуцијата. Во суштина, во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ е смесен настанот 11 Октомври. Каталогот ги следи сите настани од окупацијата на Прилеп во април 1941, па до крајот на годината, рече Белчески.
Директорката на прилепскиот Завод и Музеј, Мимоза Христоска, на присутните им ја предочи посебната приказна за објектот во кој е Меморијалниот музеј, некогашната полициска станица – Участак и кој е симболот на почетокот на Народното востание во 1941.
-Објектот, денешниот меморијален музеј, е изграден во почетокот на 20 век и низ годините имал повеќе намени: бил вински ан, ученички интернат на Учителската школа при гимназијата во Прилеп, а во периодот од 1941 до 1944 година бил полициска станица – Участок. По ослободувањето во објектот била сместена народната милиција. На 1 мај 1952 година тука била поставена првата музејска поставка, а на 11 октомври 1961 година, на 20-годишнината од Народното востание, објектот е оформен како Меморијален музеј „11 Октомври“. Во музејот посебно место има монументаалната фреска на Борко Лазески со која историските настани се претставени преку уметноста. Заедно со историските артефакти, целата музејска поставка претставува целина, истакна Христоска.
Каталогот го промовираше Здравко Стојкоски, виш кустос од Музејот на Македонија.
По повод 11 Октомври, централните чествувања во Прилеп почнуваат вечер со богата програма, огномет и традиционален импровизиран напад на градот како потсетување на виорните времиња пред 85 години.
Утре, на празникот, делегации ќе им оддадат почит на револуционерните дејци, на загинатите борци чии мошти се во Могилата на непобедените и пред бистите на народните херои во Алејата во Паркот на револуцијата во Прилеп. По повод празникот ќе бидат организирани повеќе културни и спортски настани.
октомври 11, 2026


