Свет
Блумберг: НАТО подготвува нова стратегија за евентуална војна против Русија
Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот Алексус Гринкевич, подготвува стратегија за брза победа во случај на руски напад врз источното крило на Алијансата, објави Блумберг.
Клучен дел од планот е поврзувањето на новите одбранбени технологии како дронови и вештачка интелигенција, со конвенционалните воени сили.
Документот насловен „Теорија на победата“, Гринкевич треба да го претстави на 12 октомври во Полска, во време на зголемени тензии меѓу НАТО и Русија. Блумберг имал увид во некласифицираната верзија на документот.
Високи претставници и дипломати запознаени со планот велат дека целта на документот е да појасни како Алијансата би одговорила на можен напад врз нејзината територија. Прашањето повторно е актуелизирано по повеќе извештаи дека Москва разгледува таква можност.
Портпаролот на Гринкевич, полковникот Мартин О’Донел, не сакаше да ги коментира деталите од планот, но истакна дека Алијансата има „исклучиво одбранбен карактер“.
„Целта на ‘Теоријата на победата’ на врховниот командант на сојузничките сили за Европа е едноставна: да ја задржи предноста на НАТО“, изјави О’Донел.
Тој додаде дека поради „нестабилното и сложено глобално безбедносно опкружување“, НАТО мора однапред да создаде услови за одвраќање на агресијата, а доколку биде потребно, и за победа во случај на напад.
Според извори запознаени со планот кои побарале да останат анонимни, документот треба да им покаже на сојузниците како НАТО ќе го интегрира конвенционалното вооружување со новите технолошки решенија развиени по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Со тоа, исто така, се настојува да се поттикнат поголеми инвестиции во одбраната и подобра подготвеност на сојузниците.
Стратегијата ја нагласува одбранбената природа на НАТО и потребата да се избегнат ненамерни провокации. Истовремено, во документот се наведува дека заедничкото спротивставување на хибридните закани е клучен дел од одвраќањето.
Во документот се наведува дека НАТО, покажувајќи подготвеност, сака да го увери потенцијалниот противник дека не може да победи.
октомври 9, 2026


