Connect with us

Свет

САД и Русија разгледуваат продажба на гас за Европа во услови на војната во Украина, велат извори

Reuters (via Web page)

Високи руски и американски претставници, вклучувајќи го и специјалниот претставник на САД Џаред Кушнер, разговараа за можноста американски инвеститор да влезе во сопственичката структура на гасоводот „Северен поток“. Пет извори запознати со ситуацијата потврдија дека станува збор за гасовод што ја снабдувал Германија со гас пред руската инвазија на Украина.

Кирил Дмитриев, близок советник на рускиот претседател Владимир Путин, и Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, учествуваа во разговорите. Кушнер, кој посредува во примирје меѓу Русија и Украина, верува дека деловните договори се клучни за враќање на мирот. Таквиот договор би им овозможил на американските инвеститори да профитираат од протокот на енергија во Европа по завршувањето на војната.
Дмитриев и Кушнер се сретнаа во Москва и Њујорк во последните недели. Два извори потврдија дека темата за „Северен поток“ е сè уште на маса, иако не е сосема јасно до кој степен била дискутирана на тие состаноци.

На прашањето за преговорите, функционер на Белата куќа рече: „Сите договори што Русија ќе мора да ги преговара со Американската корпорација за развојни финансии (DFC) и Министерството за финансии, и тие мора да им користат на американските даночни обврзници и бизниси“. Истиот функционер додаде дека „неодамна немало дискусии за Северен поток“.

Дмитриев е за продолжување на продажбата на руски гас на Германија. Минатиот месец се сретна со претставници на американските министерства за енергетика и финансии за да разговараат за потенцијалните енергетски иницијативи на САД и Русија. Неговиот портпарол одби да коментира.

Останува нејасно колку Вашингтон е навистина заинтересиран за рестартирање на снабдувањето со руски гас за Германија, најголемиот потрошувач на енергија во Европа. Еден американски функционер рече дека, со оглед на сите пречки, договор е малку веројатен на среден рок.

 „Северен поток“ е под санкции од САД и Европската унија, што го прави секое рестартирање нелегално. Трамп би можел да ги укине или олесни санкциите на САД, но тоа ќе стане значително потешко ако демократите ја преземат контролата врз Конгресот на изборите следниот месец.

Германија и другите европски земји, кои трошат милијарди евра за зајакнување на војската за одбрана од Русија, силно би се спротивставиле на повторното отворање на Северен поток.

Портпаролката на германското Министерство за економија и енергетика изјави дека „Северн поток“ и рускиот гас се под санкции во Европа и дека Германија пронашла алтернативни решенија. Таа рече дека повторното отворање на гасоводот бара одобрение од владата, кое Берлин нема намера да го даде.

Пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Германија покриваше повеќе од половина од своите потреби за гас со увоз од Русија преку двата крака на „Северн поток“.
Разговорите меѓу Москва и Вашингтон се одвиваат во време на длабока европска недоверба кон руските мотиви. Порано оваа година, шефовите на петте разузнавачки служби во Европа изјавија дека Русија не бара брз крај на војната, туку ги користи преговорите со САД за да протурка деловни зделки.

Односите меѓу Русија и Германија, која е еден од најголемите добавувачи на воена помош за Украина, се на многу ниско ниво, а официјални лица во Берлин ја обвинуваат Русија за систематски хибридни напади. Некои германски пратеници веруваат дека ваквите деловни зделки само ќе ја зајакнат Москва додека таа ја продолжува војната.

„Ова може да биде валкана работа што ќе ја чини Европа скапо“, рече Михаел Келнер, пратеникот кој беше задолжен за германската енергетска политика веднаш по инвазијата. Тој додаде: „Американците и Русите ќе го делат профитот“.

Додека коалициската влада на Германија се спротивставува на рестартирањето на гасоводот, Алтернатива за Германија (AfD), моментално најпопуларната партија во земјата, ја поддржува. Дмитриев ќе се сретне со раководството на AfD на почетокот на следната година за да разговараат за темата. Продажбата на акции во компанијата што управува со Северен поток, како и повторната испорака на гас, се соочуваат со сериозни пречки.

Рускиот државен гигант Гаспром поседува 51 процент од компанијата. Две германски компании поседуваат вкупно 31 процент, а остатокот им припаѓа на француски и холандски компании. Според еден извор, двајцата германски акционери се стремат да ги задржат своите удели за да го зачуваат германското влијание во случај Гаспром да го продаде својот удел.

Неколку дена по средбите во Москва, Кушнер во Киев изјави дека разговарал со своите европски колеги за тоа како војната ги зголемила цените на енергијата. Притоа, тој се залагал за „договори за просперитет“ што би го промовирале мирот и би им дале на лидерите „нешто на што би се радувале“.

Иако договорот за гас би му одговарал на Кремљ, тој би ја поделил германската јавност, која има спротивставени мислења за купувањето руски енергетски производи. Исто така, би предизвикал раскол во Европа
Два дополнителни извори изјавија дека Кушнер и Дмитриев разговарале и за продажба на средства во сопственост на руската енергетска компанија Лукоил, од рафинерии за нафта до бензински пумпи во Европа и на други места.  Според планот, конзорциум составен од федералната агенција DFC и инвеститори од Катар и Обединетите Арапски Емирати ќе го купи имотот, а американските власти за возврат ќе ги укинат санкциите.

„Во однос на Лукоил, Стив (Виткоф) и Џаред (Кушнер) соработуваа со DFC за да преговараат за значителна авансна уплата и дел од профитот за САД“, рече претставникот на Белата куќа. Лукоил и Гаспром не одговорија на барањата за коментар.

Ad
Ad